МЕДИЦИНСКИ ОТПАД РАСФРЛАН ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

//

Расфрлен медицински отпад среде Скопје. Ова е сликата од пред неколку дена од главниот град. Се загрозува здравјето на граѓаните и се контаминира непосредната околина. Неказнивоста или отсуството на реакција на надлежните институции, доведува до тоа да не се почитуваат законските норми. Ситуацијата е алармантна. Не се води сметка каков отпад се фрла. Притоа отпадот во Македонија се депонира на несоодветни и нерегуларни депонии. Се меша медицински со индустриски комунален отпад. Медицинскиот отпад исклучиво треба да биде одделен од комуналниот. Собирањето на медицинскиот отпад исто така треба да се врши независно и одделно од комуналниот. Но ретко кој тоа го почитува во Република Депонија. И околу согорувањето на медицинскиот отпад постои вознемиреност. Причина за тоа е несовесното работење на „Дрисла“ и сомнежите дека отровниот скопски воздух е последница на несоодветно раководење со медицинскиот отпад. Стручните лица предупредуваат дека сите количини на медицински отпад не се третираат соодветно и дека согорувачот на „Дрисла“ не треба да функционира и да работи и оти филтерот што се постави не го решава проблемот. Арно ама како никој да не ги слуша. Апелираме надлежните да се разбудат и да вршат почести инспекции со кои ќе се контролираат здравствените институции. Медицински отпад освен во обичните контејнери се фрла и во реките, на дивите депонии, во ќошињата на здравствените установи и исто така уличните кучиња го разнесуваат по улиците. Да, виновен е недоговорниот персонал, но се додека надлежните спијат или премолчуваат некои работи заради бизнис интереси се доведува во прашање здравјето на луѓето. Особено во овие летни горештини заразите, инфекциите и бактериите молскавично се шират.



Претходна статија

АЛИЛОВИЌ: ВАРДАР ЗА ДЕВЕТ МИНУТИ НИ ЈА УНИШТИ ЦЕЛА СЕЗОНА

Следна статија

MIYATTA: „ПОЛЕТАЈ“ Е СУБЛИМАТ НА МОИТЕ ДВЕ КАРИЕРИ, МУЗИЧКАТА И ВОЗДУХОПЛОВНАТА

Најново од Вести