АЛИЛОВИЌ: ВАРДАР ЗА ДЕВЕТ МИНУТИ НИ ЈА УНИШТИ ЦЕЛА СЕЗОНА

Голманот на Пик Сегед, Мирко Алиловиќ за хрватските медиуми изјави дека поразот од Вардар во Скопје на првиот четвртфинален натпревар бил пресвртница во сезоната на унгарскиот клуб.

Сегед до тој момент доминираше во унгарскиот шампионат, а беше и фаворит против „црвено-црните“ во четвртфиналето со оглед на случувањата во македонскиот клуб околу заминувањето на сопственикот Сергеј Самсоненко и финансиската криза.

„До крајот на месец март имавме сезона за паметење, една од најдобрите во историјата на клубот, во првенството бевме стоотстотни, се пласиравме во четвртфиналето во Лигата на шампиони и се беше добро до последните девет минути во Скопје. Тука од 22-21 ни направија 29-21 и на крајот необјасниво испаднавме. Тука паднавме психички и физички иако и на реваншот имавме шанса за прогрес. Потоа ни се случи и еден дебакл од Веспрем од 11 – 12 голови разлика и за еден месец упропастивме една фантастична сезона“, вели Алиловиќ.

Поранешниот хрватски репрезентативец ја искоментира и победата на Вардар во Лигата на шампиони и што е клучот на завршните турнир во Келн.

„Никој не може да ме убеди дека Вардар така ја темприраше формата за на крај од сезоната, бидејќи не се надокнадува така лесно седум разлика против Барселона во полуфинале и тоа за 15 минути и потоа онака да го издоминира Веспрем во финалето. Да се потсетиме минатата година како Монпелје имаше тешка ждрепка и сите ги победи. И понатаму тврдам дека за Фајнл фор треба да имате тројца расположени играчи и дека тоа е рецептот за освојување на Лигата на шампиони. Најтешко е да стигнете на турнирот, за секого четвртфиналето е како финале, аутсајдерите се опуштени и тоа е нивната предност“, анализира голманот.

Извор: Спорт1

Слични Објави