Мирни собири во Бугарија во спомен на жртвите во сообраќајни несреќи
Мирни собири во спомен на загинатите во сообраќајни несреќи се одржаа пред Судската палата во Софија, како и на повеќе локации во Пловдив, Варна, Бургас и Стара Загора, јави БГНЕС.
Со запалени свеќи, цвеќиња и плишани играчки, граѓаните побараа итни мерки од државата за запирање на „црната статистика“ на патиштата. Повод за собирите беа последните трагични инциденти во кои млади луѓе го загубија животот поради брзо возење, употреба на алкохол и дрога, како и грубо непочитување на сообраќајните правила.
„Ми здодеа да ги убиваат нашите деца! Ми здодеа од условни казни, од дупки во законот и од оправдувања. Кога државата ќе застане на страната на жртвите, а не на убијците?“, изјави мајка која го загубила својот син во сообраќајна несреќа.
Учесниците носеа плакати со пораки: „Стоп за убиствата на патиштата!“, „Бараме праведни пресуди!“ и „До кога ќе броиме жртви?“.
Собирите завршија со минута молк и пуштање бели балони во небото, како симбол на прерано прекинатите животи. Организаторите предупредија дека, доколку институциите не реагираат, собирите може да прераснат во масовна граѓанска непослушност.

