|

Митева: Целта на Владата е да го трансформира македонското општество во дигитално, буџетот на МДТ за 2025 година зголемен 200 отсто

Ако се спореди вкупниот проектен буџет на Министерството за информациски и комуникациски проекти тогаш со оние од минатото може да се заклучи дека истиот е поголем за 200 отсто – односно од 154 милиони денари во 2023 година, 182 во 2024 година, на 365 милиони денари во 2025 година. Ова го истакна портпаролката на Владата, Марија Митева.

Како што рече, во делот на поединечните проекти за 2025 година е предвидено изградба на Современ примарен податочен центар (ДАТА ЦЕНТАР) во Скопје што претставува капитална инвестиција која се најавува со години. Во овој момент сите државни системи физички се во своите надлежни институции, голем дел од нив во несоодветни услови кои предизвикуваат пократок век на траење на опремата, неажурирани софтверски верзии и со голем степен на ризик од сајбер напади. Проектот предвидува изградба на примарен податочен владин центар, каде сите органи на државната управа ќе ја колоцираат својата опрема. Со ова, вели Митева, државата од една страна ќе оствари значителни заштеди за колокациски услуги. Тоа значи вклучување на ладење, безбедносни системи, противпожарни системи, надзор и одржување на просториите, а од друга страна ќе овозможи забрзана дигитална трансформација. Ова е повеќегодишен проект, но во почетокот на 2025 година планирана е изработка на физибилити студија која ќе ги дефинира техничките стандарди за изградба на центарот, локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.

Очекувана вкупна сума на проектот е до 40 милиони евра, а за следната година со буџетот се обезбедени 2 милиони евра за физибилити студија и почеток на изградбата.

Понатаму, обезбедени се 40 милиони денари во буџетот и преку останати проектни фондови за дигитализација на најупотребуваните јавни услуги од граѓаните и компаниите.

„Тоа ќе го оствариме по специјално утврдена методологија за дигитализација на јавните услуги. Електронското испраќање на барањата за сите достапни јавни услуги до институциите и електронско добивање на потребните документи, преку компјутер или паметен телефон. Институциите ќе имаат можност да користат свои идентификациски алатки за потпишување на овие потребни документи. Во прво време се дигитализира добивањето на државјанство од Министерството за внатрешни работи, услугите на Управата за водење на матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Катастарот. Тоа значи дека ќе обезбедиме повеќе од 200 нови услуги на порталот Uslugi.gov.mk, што ќе ја дуплира бројката на достапни услуги“, изјави Митева.

Додаде и дека преку проектот во вредност од 60 милиони денари, Владата ќе работи на систем преку кој ќе се обезбеди поврзување на институциите со споделување на документи. Во овој момент само 22 институции користат заеднички систем за електронско работење, а преку овој проект се очекува да се зголеми бројот на институции за најмалку 10. Ќе се зголеми и бројот на документи кои ќе се изработуваат и потпишуваат целосно дигитално, без користење на хартија и истите ќе можат да се споделуваат и зачувуваат во дигитален формат.



Слични Објави