Митева: Стевче Јакимовски да им објасни на граѓаните како е возможно, за една календарска година, со неговото семејство да станат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, Жданец
На денешната прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, упати серија од, како што рече, „сериозни, јавни и суштински прашања“ до градоначалникот на Општина Карпош во заминување, Стевче Јакимовски, барајќи итни и транспарентни одговори во врска со неговото лично и семејно имотно стекнување.
Митева нагласи дека станува збор не само за политички, туку и за морални и институционални прашања кои се однесуваат на довербата на граѓаните во локалната власт.
„Како е можно за само една календарска година градоначалникот Јакимовски и неговото семејство да станат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош – во Жданец, токму таму каде што и тој лично живее?“ – праша Митева, додавајќи дека јавноста има право да знае од каде потекнуваат средствата со кои се обезбедени ваквите имоти.
Според неа, посебен сомнеж буди фактот што парцелите што претходно биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски, „магично“ станале градежно земјиште со веќе уцртана урбанистичка маркица во планот.
„Дали за овие парцели е поднесено барање за техничка градежна документација, кој го поднел тоа барање, кога и до каде е постапката?“ – праша Митева, барајќи јавни одговори од надлежните институции.
Портпаролката дополнително праша дали е вистина дека семејството Јакимовски во изминатата година се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција.
„Време е прашањата да добијат одговори. Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес, и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности“, порача Митева.
Од Општина Карпош засега нема официјална реакција на изнесените обвинувања.


 
		 
			 
			 
			 
			 
			