|

Митовски: 50% субвенции за котизацијата на тезгите – поддршка за пазарџиите

Влатко Митовски, кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба од СДСМ, на денешната прес-конференција од пазарот во Автокоманда најави субвенции од 50% за котизацијата на тезгите, како директна поддршка за пазарџиите. Тој истакна дека со оваа мерка ќе се создаде фер и уреден систем кој ќе им помогне и на постојните продавачи и ќе ги стимулира „дивите“ препродавачи да станат дел од организираните пазари, со што ќе се зајакне локалната економија и ќе се зачува традицијата.

„Денеска сме во посета на пазарот во Автокоманда – место кое со години претставува срцето на локалната економија и автентичен дел од животот во нашата општина. Од овде сакаме да испратиме јасна порака дека пазарите ќе продолжат да живеат и да се развиваат, а ние како општина ќе преземеме конкретни чекори за тоа да се случи.

Нашата цел е да создадеме уреден, фер и поттикнувачки систем за сите кои се занимаваат со пазарска дејност. Затоа, сите пазарџии ќе бидат стимулирани со субвенции од 50% од котизацијата за тезгите, со што директно ќе им ја олесниме работата и ќе го поддржиме нивниот бизнис. На тој начин, не само што ќе им помогнеме на оние кои веќе редовно работат и плаќаат надоместок, туку ќе ги поттикнеме и таканаречените „диви“ препродавачи да станат дел од пазарите, да работат легално и во уредени услови. Целта е сите заедно да создадеме организиран и фер пазарски систем кој ќе им користи и на продавачите и на граѓаните.

Пазарите се повеќе од само место за купопродажба – тие се симбол на традицијата, духот и економската живост на еден град. Нашата обврска е да ги зачуваме, унапредиме и да создадеме услови каде што секој продавач ќе има фер можност да работи и да придонесува кон локалната економија.“

Слични Објави