Млад билкар од Благоевградско ги пренесува старите рецепти и знаења на посетителите
Билкарот Мартин Караџов ја претворил семејната викендичка во селото Логодаж, крај акумулацијата Стојковци во Бугарија, во фарма за самоникнати билки, каде што посетителите можат да се запознаат со лековитите растенија и традиционалните начини на нивна употреба, пишува Euronews.bg.
Караџов, млад човек со високо образование кој ја продолжува семејната билкарска традиција, вели дека целта е да се зачуваат старите знаења и да се поттикне интересот за живот во согласност со природата.
„Го направивме ова за да ги едуцираме луѓето, да можат да дојдат, да ги видат старите рецепти и да дознаат како нашите предци подготвувале напивки“, вели Караџов.
Во една од просториите е уреден импровизиран музеј со дел од сезонските билки, меѓу кои мајчина душица и оригано. На фармата се подготвуваат билни сирупи, слатка и мелеми, а се сушат и јаболка и круши.
Собирањето билки трае во текот на целата година. Во зависност од растението, се собираат цели стебленца, листови, цветови или корени. Дел од билките растат на тешко пристапни места, до кои се стигнува по повеќечасовно пешачење.
„Многу често мораме да се движиме по стрмен терен и да пешачиме со часови додека стигнеме до одредено место. Тешко е, но кога ти е хоби, не ти тежи“, вели Караџов.
Според него, сè помалку луѓе професионално се занимаваат со билкарство, а ниските цени на билките дополнително го отежнуваат зачувувањето на оваа дејност.
„Овој занает, ако можам да го наречам и извор на егзистенција, исчезнува“, посочува тој.
Билкарите своите производи ги продаваат главно на земјоделски и фармерски пазари. Приходите, сепак, честопати не се доволни да ги покријат трошоците и вложениот труд, додека на пазарот сè позастапени се одгледуваните билки.

