Млада актерка прикажува во Велико Трново ракописи на Јовков, стари изданија на драми и театарски плакати
Оригиналните ракописи на познатиот бугарски писател Јордан Јовков, негово писмо до неговиот колега Елин Пелин и првото издание на драмата „Во полите на Витоша“ од Пејо Јаворов беа прикажани пред пошироката јавност во Велико Трново од младата актерка Горица Радева. Ракописите и другите уникатни изданија се нејзина сопственост. Истите се прикажани во изложбената сала „Рафаел Михајлов“ во Велико Трново, а изложбата насловена „Три театарски изложби“ може да се погледне бесплатно до крајот на октомври, јавува БНР.
Историјата на бугарскиот театар е страст на младата актерка од Велико Трново, Горица Радева. Повеќе од 10 години таа собира стари театарски плакати и претстави, а заедно со нејзиниот дедо, покојниот академик Иван Радев, таа е страсен обожавач на класичната бугарска литература, особено на драмите.
„На изложбата се претставени стари изданија на драми кои биле пред 1944 година, има ракописи на Јордан Јовков од неговите три драми Албена, Борјана и Обичен човек. Има писмо од Јордан Јовков до Елин Пелин, кое е за претставата „Борјана“. На изложбата има плакати од различни театри. Еден дел од изложбата е посветен на 85-годишнината од раѓањето на Милен Колев“.

Три страници со исклучително читлив и убав ракопис на Јордан Јовков од драмата „Борјана“, пет страници од „Албена“ и четири страници од „Обичниот човек“, можат да се видат во изложбата.
Години наназад во дворот на Универзитетот Велико Трново незаконски се собирале нумизматичари, ловци на богатства и секакви продавачи и трагачи на антиквитети. Властите знаеле за нив, но замижувале. Токму од таму пред десет години Горица Радева вели дека го купила првото издание на Јаворовата драма „Во полите на Витоша“.
Горица Радева во оваа фаза не е склона да ја донира својата колекција во музеј. Таа вели дека доколку се оствари идејата за изградба на музеј за литература во Велико Трново, може да размисли за тоа. Таа е отворена за покани од различни театри во земјава за да ја прикаже својата експозиција, како што направила минатата година во театарот во Шумен.
Горица Радева во својата колекција има над 500 театарски плакати. Таа претстави мал дел од нив на изложбата.
Изложбата со театарската збирка на Горица Радева во Велико Трново е исклучително погодна за студенти кои студираат бугарска литература, за наставници и студенти по филологија, како и за сите почитувачи на генијалните бугарски уметници. Таа изложба малку ја отвора завесата и на магијата наречена театар.
