Младенов во Кочани: Ива Михаилова има право да добие соодветно лекување, без оглед на тоа како ќе заврши судскиот процес
Без оглед на тоа како ќе заврши судскиот процес, Ива Михаилова има право да добие соодветно лекување, изјави бугарскиот пратеник Бојко Младенов, кој заедно со други пратеници од бугарскиот парламент присуствува на рочиштето во Кочани, јавува БТА.
Михаилова, која има бугарско и македонско државјанство, е обвинета за учество во сообраќајна несреќа во која загинало едно лице.
Младенов изнесе оценка дека доказите не ја потврдуваат верзијата на обвинителството за настанот.
„Сето ова што го изнесува обвинителството, за мене е наместено“, изјави тој.
Според Младенов, фотографиите презентирани на рочиштето покажуваат дека судирот се случил на коловозната лента по која се движела Михаилова. Тој посочи и дека медицинското вештачење, според неговото толкување, покажало дека делови од возилото видливи на фотографиите немале поврзаност со смртта на единственото загинато лице во несреќата.
Младенов наведе дека следно треба да бидат сослушани вештаците предложени од одбраната.
„Сметам дека врз основа на тоа што го видовме тука и врз основа на фактите, со текот на времето нема како да не биде донесена ослободителна пресуда“, рече тој, изнесувајќи го својот став за исходот од постапката.
Според него, покрај правниот аспект, случајот има и значајна општествена и хуманитарна димензија.
„Без оглед на тоа како ќе заврши судењето, Ива Михајлова има право да биде лекувана, бидејќи според презентираното медицинско вештачење, како последица на повреда на четвртиот и петтиот пршлен, постои опасност таа да стане инвалид“, изјави Младенов.
