„Многувековните страдања“ на Мицкоски
Пишува: Атанас Величков/ за БГНЕС
Вчера со симболичното прва лопата за изградбата на граничниот премин „Маркова нога“ на границата меѓу РС Македонија и Грција, конечно стана јасно дека официјално Скопје сега има претензии само и единствено кон Бугарија. Покрај сега веќе легендарните пресуди од Стразбур, премиерот Мицкоски од Софија побара недвосмислено признавање на „вековниот македонски идентитет, јазик, култура и обичаи“. Сето ова, според Мицкоски, се делата, а не зборовите кои треба да го убедат да даде „зелено светло“ за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Македонија и со тоа да го отвори патот за отпочнување на суштинските пристапни преговори за влез на неговата земја во ЕУ.
Одговорот од бугарска страна не задоцни. Министерството за надворешни работи дипломатски ја изрази својата збунетост од фактот што Мицкоски ги доживува преземените обврски од Република Северна Македонија како „мешање во нејзините внатрешни работи“. Во соопштението на министерството се вели и дека овие сугестии бугарската страна ги смета како уште еден обид за заобиколување на преземените обврски и одвлекување на вниманието на јавноста од недостигот на реформи. Во текстот дипломатски се забележува дека Мицкоски демонстрира неразбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На овој начин, намерно или ненамерно, лансира манипулативни и невистинити тези, кои би можеле да се сметаат и за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија.
Министерството заборави само едно. Да го праша Мицкоски од кои векови, поточно, треба да датира признавањето на „вековниот македонски идентитет, јазик, култура и обичаи“ . Премиерот на Република Македонија пред извесно време ја обвини Бугарија дека го кочи европскиот развој на земјата поради прашања од средниот век. Сега изгледа сигурно поради „новата реалност“, на само неколку месеци пред локалните избори, тој вади „историски“ куршуми, за внатрешна употреба. Патем, тоа е негово легитимно право. Да бара, да има претензии, да ја гради илузијата дека тој го дава тонот. Но, како што се вели во еден филм направен по дело на познатиот бугарски писател Николај Хајтов, едно е да сакаш, друго е да можеш, а трето и четврто е да го направиш тоа.
Би било одлично Мицкоски да прецизира кои векови ги смета за почеток на вековниот македонски идентитет, па признавањето од бугарска страна да оди без проблеми. Германскиот парламент пред речиси 2 години ги призна македонскиот идентитет и јазик, но во формулацијата недостасуваше определбата „многувековен“. Се чини дека ова не му е доволно на Мицкоски за да ја крене рампата пред македонскиот воз на пат кон ЕУ. Работите почнуваат да стануваат малку груби. Република Северна Македонија сака да стане дел од унијата, не ги исполнува веќе прифатените обврски, а бара дела и признанија од земјите-членки.
Дали Мицкоски навистина сака земјата чиј премиер е, да стане дел од ЕУ? Вокабуларот што го користи, не само кон Бугарија, туку и кон други земји-членки, не покажува дека гори од желба да ги започне вистинските преговори со Брисел. Можеби тој и трустот на мозоци околу него веруваат дека ЕУ ќе пропадне во блиска иднина. Овде веќе се слушаат такви гласини. Дали Трамп ќе ја направи РС Македонија 51-ва американска држава? Ќе се случи ли некаква катаклизма која ќе ги избрише од географската карта сите соседи на Република Северна Македонија, кои Мицкоски, како што разбравме од неговата вчерашна изјава, ги „почитува“? Што ќе кажат европските лидери кои во наредните 2 до 3 месеци ќе го посетат главниот град на Република Северна Македонија, како што најави претставникот на ЕУ во земјата Михалис Рокас? Кога ќе се отстранат препреките пред PCM? Многу прашања, но ниту едно од нив нема јасен одговор.
Мицкоски го знае ова, но не знаеме дали навистина сака Република Северна Македонија да стане дел од ЕУ или заедно со неговите советници ќе чека ЕУ да се распадне! Додека сите заедно чекаме, не би било лошо домаќинот на „Илинденска“ број 2 (булеварот на кој се наоѓа зградата на Владата во Скопје) да разјасни- многувековниот идентитет што Бугарија треба да го признае, дали е антички, средновековен, од 19 век ли е, или е поврзан со АСНОМ, затоа што ако е АСНОМ-ски, мора да поминат уште 20 години, за да стане навистина вековен.
Тешките времиња во кои живееме бараат работа и исполнување на обврските. Толку!