МНР на Бугарија: Апсолутно ги осудуваме ужасните напади на Русија врз цивилната инфраструктура во Украина кои одземаа животи на многу луѓе во Дњепар
Апсолутно ги осудуваме ужасните напади на Русија врз цивилната инфраструктура во Украина кои одземаа многу животи во Дњепар и на други места. Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Украина и нејзиниот народ. Ова се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија, објавен на официјалната Твитер страница на ресорот.
Русија мора да одговара за сите сторени злосторства, пишува МНР.
Во саботата, по руски ракетен напад, беше погодена станбена зграда во украинскиот град Дњепар. Според Ројтерс, повикувајќи се на информација од локалните власти, бројот на жртвите е 40, а 30 лица сѐ уште се водат како исчезнати.
Генадиј Корбан од градската администрација преку Телеграм изјави дека во нападот во саботата биле повредени 75 лица, меѓу кои 14 деца.
Според Украина, зградата била погодена од руска ракета Х-22, против која украинската противвоздушна одбрана нема контрамерки. Од руска страна велат дека ниту една станбена зграда не била цел на нејзините ракетни напади во саботата.