МНР на Бугарија ќе ја повика амбасадорката на РСМ во Софија, Брисел е информиран за вооружениот напад на бугарскиот клуб во Охрид
Амбасадорката на РС Македонија во Софија Агнеса Руси-Поповска денеска ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи за да ѝ биде врачен остар демарш по повод вооружениот напад на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, јавува БГНЕС.
Уште вчера бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија /ЕК/ за тешкиот инцидент во Охрид. Синоќа околу 20:00 часот по локално време при пукањето против бугарскиот клуб бил испразнет еден шаржер. Веднаш по нападот на местото на настанот пристигнал бугарскиот конзул во Битола Димитар Иванов. Само внатре во просториите на клубот биле пронајдени 8 чаури. Дописникот на БГНЕС појаснува дека има снимка на која јасно се гледа автомобилот од кој се пукало и доколку има вистинска истрага, органите на прогонот нема да наидат на проблем за да ги пронајдат напаѓачите.
Министерството за надворешни работи на РСМ изрази тревога за инцидентот и ги повика „надлежните институции да ги преземат неопходните мерки за откривање на сторителите и да ги преземат неопходните мерки за гарантирање на работата на овој и на сите други граѓански клубови во државата“. Според МНР на РСМ, „сите граѓани на државата имаат слобода да ги изразат своите убедувања и да ги бранат своите права кои се загарантирани со Уставот на една достојна земја кандидат за членство во ЕУ“.
Во соопштението на македонското МНР никаде не е наведено дека станува збор за вооружен напад врз бугарски клуб.
Ова е уште еден напад врз бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. На 12-ти октомври годинава беше скршен натписот над влезната врата на зградата. А само неколку дена по официјалното отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, влезната врата беше запалена, а насилникот Ламбе Алабаковски е пуштен на слобода.
Клубот „Цар Борис Трети“ беше отворен на 7-ми октомври среде организирани скандирања со навредливи зборови против Бугарија, а врз зградата беа фрлани камења и јајца. Меѓу демонстрантите имаше и такви кои го вееја југословенското знаме. Македонските политичари, како од владејачката коалиција, така и од опозицијата, не го осудија протестот, туку отворањето на клубот го оценија како „провокација против македонскиот идентитет“.
По брза процедура, едногласно, беше донесен закон кој во пракса ќе значи затворање на бугарските клубови во РСМ.