МНР на Бугарија: Руската Федерација да покаже почит кон нашиот избор да бидеме земја членка на НАТО
Националните територии на земјите-членки на НАТО се територии на Алијансата. Вооружените сили на земјите-членки се исто така вооружени сили на НАТО. Ова произлегува од Вашингтонскиот договор за основање на НАТО, кој е ратификуван од сите земји-членки. Договорот од Вашингтон не предвидува „втора категорија“ на земји-членки на кои колективната одбрана се применува селективно или во ограничен обем.
Во овој контекст, според Одлуката бр. 1 на Уставниот суд на Бугарија од 4 февруари 2003 година „трупите на политичкиот или воениот сојуз на земјите членки на оваа унија или на сојузничките држави, според ратификуваниот и стапен во сила за Република Бугарија меѓународен договор од политичка или воена природа, не се странски трупи во смисла на чл. 84, точка 11 од Уставот, ако нивното поминување или престојување низ територијата на државата е поврзано со исполнување на сојузничките обврски“.
Ја повикуваме Руската Федерација да покаже почит кон свесниот надворешнополитички избор на Република Бугарија за членство во НАТО и кон одлуките на бугарскиот Уставен суд.
Ја повикуваме Руската Федерација да остане посветена на конструктивниот дијалог со земјите-членки на НАТО во Советот НАТО-Русија, насочен кон иднината на пообединета и побезбедна Европа заснована на владеење на правото и строго спроведување на обврските од меѓународното право.
Сегашната криза во безбедносната архитектура во Европа, како и кризата во и околу Украина, мора да се реши со дипломатски средства и со дијалог, се вели во официјалното соопштение на бугарското МНР во врска со барањето на Русија, НАТО да ги повлече своите трупи од Бугарија и Романија.
