МНР на Република Бугарија е изненадено од пописот во РСМ

//

Република Бугарија во повеќе наврати изјави дека од огромно значење е создавањето услови за слободна самоидентификација на граѓаните со бугарска самосвест во Република Северна Македонија и гарантирање на нивните права.


„Во таа насока со големо изненадување ги прифаќаме објавените податоци за бројот на граѓани кои на пописот во земјата се изјасниле како Бугари. Ја забележуваме драстичната неусогласеност меѓу овие податоци и податоците за бројката од над 100.000 граѓани на Северна Македонија кои лично поднеле документи со кои се докажува бугарско потекло и самосвест за добивање бугарско државјанство“, велат од бугарското МНР, пренесува БГНЕС.

„Предмет на сериозна анализа е фактот што активно не се пребројани 7,2% од граѓаните на нашата соседна земја. Според доставените информации, податоците за нив се собрани преку соодветната информативна база, без да може да се утврди етничката или верската припадност. Нема информации колкав е бројот на државјани на Северна Македонија со бугарски идентитет кои се пребројувале во странство“, се вели во реакцијата.

„Ги земаме предвид искажаните сомневања за транспарентноста и кредибилитетот на процесот, наведени од организациите на Бугарите во Северна Македонија, како за време на пописот, така и при објавувањето на резултатите. Очекуваме нивниот глас да биде слушнат и од властите во Северна Македонија“, се вели во реакцијата на МНР на Република Бугарија.





Претходна статија

Кирил Петков: Бугарија не ветила датум за укинување на ветото за РСМ

Следна статија

„Бугаризираниот“ Самоил, официјална Софија и незапишаните Бугари од РС Македонија

Најново од Вести