Зеленски се сретна со Трамп во Њујорк: Киев бара поголем притисок врз Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во кулоарите на Генералното собрание на Обединетите нации, повикувајќи повторно на засилен притисок врз Русија, во обид да го убеди Вашингтон во поцврста воена поддршка за Киев, јавува Ројтерс, пренесува БНР.
Зеленски, седнат покрај Трамп на почетокот од средбата, изјави пред новинарите дека има „добри вести“ од бојното поле, каде украинските сили повеќе од три и пол години се во жестоки борби со руските трупи.
„Ни треба поголем притисок, повеќе санкции сега – пред сè од САД, а потоа и од Европа“, нагласи украинскиот лидер, додавајќи дека сака да разговара за повикот на Трамп до европските држави целосно да престанат со купување руска енергија.
Трамп, пак, во своето обраќање на Генералното собрание предупреди на можни економски мерки против Москва, но истакна дека очекува и сојузниците на САД да преземат идентични чекори. Тој ги критикуваше дел од европските земји поради продолжената зависност од руските енергенси и покрај војната.
Американскиот претседател ја нарече средбата со Зеленски „важна“ во неговиот натрупан дневен распоред. Украинскиот претседател најави дека сака да разговара и за американското учество во западните безбедносни гаранции за Украина како дел од идно мировно решение.
Според извор од украинската делегација, Зеленски ќе го отвори и прашањето за подобрување на противвоздушната одбрана на земјата, како и можноста за организирање директна средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин во рамки на мировните иницијативи на Трамп.
Трамп предложи ваква средба – евентуално и со негово учество – како начин за постигнување напредок во напорите за ставање крај на војната започната од Русија во февруари 2022 година.
Москва, сепак, соопшти дека вакви разговори не се планирани и дека евентуален дневен ред би морал да биде внимателно подготвен. Киев ова го толкува како доказ дека Кремљ не е подготвен да се откаже од своите максималистички цели и ги блокира мировните иницијативи.
Во меѓувреме, Трамп изјави дека земјите од НАТО треба да соборуваат руски авиони доколку тие навлезат во нивниот воздушен простор. Помошта на САД, според него, ќе зависи од „околностите“, но нагласи дека Америка е „многу силна во однос на НАТО“.
На новинарско прашање дали има нови детали околу неговите разговори со Путин и дали сè уште му верува, Трамп кусо одговори: „Ќе ве известам за околу еден месец“.
