МОФ БАРА ИТНО ИНФОРМИРАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ЗА МАТУРСКИТЕ ИСПИТИ, И ДОПОЛНИТЕЛЕН ТЕРМИН ЗА ПОЛАГАЊЕ
Според МОФ, потребен е и дополнителен термин за полагање во текот на месец јули – првично наменет за ученици кои биле спречени да полагаат во јуни.
Младинскиот образовен форум (МОФ) изрази загриженост за процесот на спроведување на државната матура во време на пандемијата, и испрати апел до сите училишта да организираат часови за информирање и подготовка на учениците за матурските испити. Според МОФ, потребен е и дополнителен термин за полагање во текот на месец јули – првично наменет за ученици кои биле спречени да полагаат во јуни.
-Како организација сметаме дека матурата е важен сегмент за заокружување на средното образование и како таков мора да се спроведе квалитетно и промислено. Ова значи дека треба внимателно да се одбере начинот на кој ќе се постапи и да се вложи труд за непречено да се спроведе овој испит во услови и околности предизвикани од вирусот КОВИД-19 и светската пандемија. Клучен приоритет треба да бидат здравјето, безбедноста и информираноста на сите вклучени во процесот на подготовка и полагање: учениците, наставниот и административниот кадар, техничкиот персонал, како и набљудувачите, соопштија од МОФ.
Според организацијата, сериозен фактор кој влијае врз вознемиреноста и предизвикува стрес кај матурантите е чувството дека недостасува поддршка од наставниот кадар во подготовката на матурските испити, но и располагање со сите потребни информации за полагањето на матурските испити.
На учениците, како што посочија во соопштение, им недостасуваат информации за направената скратена програма во содржините потребни за изучување и подготовка на матурскиот испит. Моментално, во сите училишта не е започната подготовка на матурата и недостасува поддршка од страна на наставниот кадар.
Оттука, МОФ апелира во рамки на сите училишта да се организираат часови за информирање и подготовка за матурските испити и да се назначат професори кои ќе бидат контакти за информирање во врска со матурата и кои би биле на располагање на учениците во однос на нивните нејаснотии, прашања, грижи и недостатоци во знаењето и подготовката на материјалот за матурските испити.
–Надлежните институции се должни да овозможат еднаков пристап на сите ученици при спроведувањето на матурскиот испит и да не ги стави во неповолна позиција учениците кои би биле во евентуална изолација и не би можеле да го полагаат својот матурски испит поради КОВИД-19.
Според МОФ, ограничувањето на матурските испити на два испитни рокови, како што беше практикувано до сега, има недостатоци поради тоа што оневозможува полагање на испитот за учениците кои се заболени, или пак во изолација поради контакт со заболен од КОВИД-19. Доколку се случи ова, според нив, тие ќе мора да го полагаат испитот во испитниот рок во август што значително ги намалува нивните шанси за конкурирање и упис на факултет. Од овие причини предлагаат надлежните институции да предвидат уште еден дополнителен термин за полагање на матурскиот испит, во текот на месец јули кој ќе биде првично наменет за учениците кои биле спречени да полагаат во јуни.
–Младински образовен форум ќе продолжи и понатаму будно да го следи процесот на полагање на матурскиот испит како би се овозможило целосна информираност и соодветни услови на матурантите за подготовка на државната матура, се наведува во соопштението на МОФ.