Молдавската претседателка Санду: Европската интеграција е прашање на опстанок
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, повика на побрза интеграција на нејзината земја во Европската унија, нарекувајќи го тоа „прашање на опстанок“. Таа се обрати пред европратениците на пленарната сесија во Стразбур.
Санду ги оцени претстојните избори на крајот на месецов како „судбински“ и потсети дека на минатогодишните претседателски избори токму демократијата била цел на руските хибридни напади. Таа се повика на истражување на ерменска невладина организација, според кое 100 координирани профили ширеле видеа со 13 милиони прегледи за само еден месец. Меѓу лажните пораки се ширела и дезинформација дека е загрозена автономијата на Гагаузија.
„Молдавија не може да избега од својата географија. Ја чувствуваме долгата рака на руската агресија. Имаме 1200 километри заедничка граница со Украина – подолга од која било ваша земја. Причината поради која Молдавија сè уште ужива во мир е тоа што Украина опстанува. Нивната жртва ни покажува дека мирот никогаш не е загарантиран. Затоа нашиот европски пат не е само прашање на вредности, туку и на опстанок,“ истакна Санду.
Таа нагласи дека ниту една земја-членка немала совршена демократија при пристапувањето кон Унијата. Како пример ги наведе Бугарија и Романија, кои се приклучиле на ЕУ откако се оттргнале од своето социјалистичко минато, потег што им донел стабилност и простор за развој.
