|

МОН до ВМРО-ДПМНЕ: Креираме квалитетни дигитални учебници, учениците интензивно ги користат и постигнуваат подобри резултати

Министерството за образование и наука ги демантира, како што велат, шпекулациите, неточностите и наводите изнесени од страна на ВМРО ДПМНЕ во однос на електронските учебници на нивната прес конференција.

Според оваа институција, интерактивните дигитални учебници се составен дел од Концепцијата за основно образование и програмата за основно образование, поддржана од Владата и од меѓународните организации, кои што и активно го имаат подржано процесот.

„МОН во изминатите 2 години реновираше 100-тина основни училишта, истите ги опреми со ИКТ опрема и интернет поврзливост во секоја училница и за првпат во државата ги дигитализираше учебниците за 4, 5 и 6 одделение на сите наставни јазици. 58,000 ученици, како и нивните родители, секојдневно не само што ги користат истите активно, туку постигнуваат подобри резултати токму поради практичноста и квалитетот на истите.

Разбирливо е ВМРО-ДПМНЕ да реагира на такви резултати, бидејќи нивна цел е да нема резултати од страна на МОН, а тие да се јават како спасители на образованието. Јавноста е сведок како во минатото беа фрлени десетици милиони евра за преводи на книги од светски автори кои што никој не ги чита и ден денес фаќаат прашина во подрумите на многу институции. Јавноста е сведок на Кембриџ програмата, која што остави трајни негативни последици по младите генерации – експеримент кој никогаш не смееше да се случи“, истакнува МОН во реакцијата.

Изработката на интерактивни дигитални учебници, како што најавуваат, ќе продолжи во следните 3 години до целосно спроведување на реформата во основното образование и тоа нема врска со дневна политика, туку е стратешка определба и е дел од системски процес, кој што не треба да се стави под ризик од ниедна одговорна власт. Заради тоа, рамковните спогодби се законска категорија, а ќе се платат само услуги што ќе се извршат по нивното извршување.

Слични Објави