Муцунски: Ги посетив пациентите во Хрватска и Австрија и лично се уверив во посветеноста на медицинскиот персонал кој се грижи за нивното закрепнување
Вчера беше еден од најтажните денови за државата. Трагедијата во Кочани длабоко ме вознемири, пред се, како човек и родител. Во овие тешки моменти, важно е да останеме обединети во болката и солидарноста. Дозволете ми уште еднаш да изразам искрено сочувство до семејствата кои се соочуваат со оваа ненадоместлива загуба, напиша на неговиот фејсбук профил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Наша обврска како држава е да обезбедиме соодветни услови за лекување и целосна поддршка за повредените. Во текот на вчерашниот ден ги посетив пациентите кои се лекуваат во Хрватска и Австрија. Разговарав со нивните семејства и лично се уверив во посветеноста на медицинскиот персонал кој се грижи за нивното закрепнување. Целокупните трошоци за престојот на семејствата се покриени од државата, а нашите дипломатско-конзуларни претставништва имаат клучна улога во организацијата и реализацијата на медицинскиот третман, како и во поддршката на семејствата во странство, објави Муцунски.
Тој се осврна и на неговите остварени кратки средби со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ-Радман, на која присуствувала и министерката за здравство на Хрватска, Ирена Христиќ. Потоа, во Виена, имал билатерална средба со новата австриска министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајсингер. На средбите Муцунски изрази длабока благодарност за нивната поддршка, за понудената помош и за солидарноста што ја покажаа во овие тешки моменти за нашата земја.
