МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА СО ИЗЛОЖБАТА „ЦРН ПЕТЕЛ, ЦРВЕНА КОКОШКА“ ГОСТУВА ВО СОФИЈА

ИЗЛОЖБИМузејот на Северна Македонија со изложбата „Црн петел, црвена кокошка“ гостува во СофијаОбјавено пред 14 минути – 21 октомври, 2019Од Макфакс

Музејот на Република Северна Македонија со изложбата „Црн петел, црвена кокошка – култови на плодноста: обреди, обичаи и верувања“ гостува во Националниот етнографскиот музеј при Академијата за науки на Бугарија. Изложбата во Софија свечено ќе биде отворена на 24 октомври.

Изложбата е подготвена од Н.У. Музејот на Република Северна Македонија и Н.У. Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и презентира дел од култовите на плодноста кои се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес.

Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија. Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување на елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (лампи и садови со еротски сцени и претстави во антиката).

„Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид на вербална магија, со цел да иницираат плодност и кај човекот и кај природата. Обичаите под маски кои го одбележуваат крајот на зимата и возобновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејствија кои треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и документарните филмови Џоломари и Говедар Камен. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрва и др, вршејќи разни обреди поврзани со плодноста.



Она што има посебен белег во оваа изложба е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката која луѓето ја носеле во 19 и 20 век. Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси ја презентирале биолошка спремност на жената за репродукција. Таа воедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили кои можеле на жената да и ја одземат способноста да раѓа.

Ваквиот начин на презентирање на разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивнот спој, и начинот на кој тие се надополнуваат и воедно се дообјаснуваат“, пишува Јован Шурбаноски, во воведниот текст за изложбата.

Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, коавтори на изложбата се Јасемин Назим, Александра Папазовска, Владимир Боцев.

Реализацијата на изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.



Претходна статија

ВО БИТОЛА ПОЧНУВА „НЕДЕЛА НА ИРАНСКИОТ ФИЛМ“

Следна статија

ЕКИПАТА НА „ВРБА“ НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ ВО РИМ

Најново од Култура