На 10 август 1915 бил изведен првиот пробен лет на бугарски авион, дело на генијалниот Асен Јорданов
На денешен ден, 10 август 1915 година, во Божуриште бил изведен пробен лет на првиот бугарски авион, конструиран од пронаоѓачот Асен Јорданов – име кое и денес се спомнува во учебниците по кои се обучуваат идните пилоти и инженери ширум светот, јавува БНР.
Уште од детството, младиот Асен покажувал огромно љубопитство кон летањето. Иако имал можност да се запише во пилотска школа во Париз, на почетокот на Првата светска војна се вратил во татковината. Со само 16 години станал механичар во авио-база кај Свиленград и паралелно почнал да го гради својот прв авион.
По околу една година, специјална државна комисија го одобрила моделот и го прогласила за изум. Сепак, клаузите од Нèјскиот договор од 1919 година, со кој завршило учеството на Бугарија во Првата светска војна, забранувале државата да има сопствена авијација. Тоа ја спречило сериската продукција на авионот „Асен Христов Јорданов“.
Во 1921 година, Асен добил покана да учествува на меѓународен натпревар за обиколка на светот со авион за помалку од 100 дена, со награда од еден милион долари. Заедно со пилотот Александар Стојанов, заминал во САД со финансиска поддршка лично од тогашниот премиер Александар Стамболиски. Иако натпреварот бил откажан, Јорданов решил да остане во Америка.
Таму започнал како цртач, но брзо се издигнал до позиција главен конструктор во неколку светски компании за производство на авиони. Неговиот најголем успех бил создавањето на првиот во светот повеќенаменски авион „Даглас ДС-3“ – машина која засекогаш го променила воздушниот транспорт.

