На 16 декември 1869 г. во Ресен е роден д-р Христо Татарчев- прв претседател на ЦК на ВМОРО
На 16-ти декември 1869 г. во Ресен роден е д-р ХРИСТО НИКОЛОВ ТАТАРЧЕВ, првиот претседател на ВМОРО.
Прво учи во родното место, потоа во Брацигово и Пловдив. Во 1885 г. учествува во подготовката на Соединението на Источна Румелија со кнежеството Бугарија, организирано од БТЦРК. Се вклучува како доброволец со Македонскиот батаљон во Србско-бугарската војна. Покасно студира медицина во Цирих и Берлин и дипломирал 1892 г. Потоа е поставен за училишен лекар во Бугарската машка гимназија „Св. Кирил и Методи” во Солун. Тој е еден е од учесниците при формирањето на ВМОРО на 23-ти октомври 1893 г. во Солун и е избран за прв претседател на ЦК. Во почетокот на 1901 г. е осуден на 5 години затвор. Заточен е во Подрум-кале, Мала Азија. Амнестиран е на 19-ти август 1902 г. При крајот на 1902 г. е именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија. За време на Балканските војни и Првата светска војна д-р Хр. Татарчев е воен лекар во редовите на Бугарската армија. Во периодот меѓу двете светски војни се оддава на публицистика. Извесно време по војната живее во Италија. Од 1941 до 1943 г. живее во Ресен, а потоа во Нова Загора. По војната доаѓа за кратко во АСНОМ-ска Македонија, но е предупреден дека ќе му се случи нешто лошо и му се кажува дека за него како „Бугараш“ нема место во СР Македонија. Бега во Бугарија, а во 1949 г. се преселува во Италија.
Христо Татарчев умира на 5-ти јануари 1952 г. во Торино.
“Долго време ме мачеше мислата дали не би било подобро револуционерната дејност на ВМРО во Македонија и Одринско да остане како митологија отколку како историска реалност. Митологијата би ја изразила суштината на таа епска активност – оној внатрешен мир пројавен од македоно – одринскиот Бугарски народ во борбата за слобода.
Нашето внатрешно чувство и мисла се движеа повеќе околу општобугарскиот идеал – присоединувањето на Македонија кон Бугарија, но требаше да ставиме воденичен камен на таа култивирана мечта низ толку години кај македонскиот и слободниот бугарски народ и да вршиме реална политика. Затоа го зедовме чл. 23 како појдовен на нашата дејност… и решивме да го замениме со една попластична фигуративна популација – автономијата на Македонија во нејзините географски и етнографски граници, а тоа се внесе и во уставот на Организацијата.
Три суштествени ставови се најдоа во уставот на Револуционерната организација: цел, состав и средства. Како цел, како што е кажано погоре, се прифати автономијата на Македонија, а како член на Организацијата се допушти секој Бугарин, од кој и да е крај, да може да биде член на организацијата, откако ќе се покрсти според воспоставената формула – клетва пред евангелие и кама како симбол на одговорност пред Бога и татковината, и тоа по убедување, но не и против својата волја. Тоа решение да се примаат за членови на Организацијата само Бугари ни се диктираше од суштината и карактерот на заговорот, поради што во прво време требаше да се врбуваат членови од оние средини кои беа најугнетени, интелектуално и морално издигнати, цврсти и издржливи по карактер. Во тој однос Бугарскиот народ беше најсоодветен и сигурен елемент и при тоа го претставуваше мнозинството во земјата така што Револуционерната организација можеше да се потпре на него без големи ризици. Најпосле, основачите на конспирацијата произлегуваа од средината на Бугарскиот народ, така што тој афинитет им беше и многу природен. Тие не се поколебаа да ги вметнат во Организацијата дури и своите родители, браќа и др. во редовите на заговорот…”
ВМОРО КАКО МИТОЛОШКА И РЕАЛНА СУШТИНА
“Роден сум во Ресен на 16-ти декември 1869, од родителите Никола Татарчев и Костадина. Татко ми е од Ресен, а мајка ми од истакнато семејство од с. Јанковец (Ресенско). Поголемиот брат ми се вика Михал. Татко ми се занимаваше со банкарство и трговија, а делумно и со земјоделство, – имаше чифлици.
Со основно образование се здобив во Ресен, на Бугарски. Потем, во 1882 год., заминав по копно преку Битола – Прилеп – Велес – Софија во Пловдив.
Заедно со Божирад, без пасоши (со туѓи пасоши) заминавме за Цирих, и се запишавме на медицинскиот факултет… Во Цирих учев три години, и потоа преку сето време заедно со Божирад – во Берлин во 1890 год., каде по две години, во 1892 год., во текот на мај положив испит за доктор… Од Берлин заминавме право Цариград, каде положивме колоквиум… Ние бевме првите Бугари што полагавме на колоквиум.
Во Ресен останав до половината на септември (1892 г.) и со телеграма бев повикан од Васил К’нчев за училиштен лекар во Солун… Во Солун ја затеков Бугарската јавност поделена на два табори од претходните борби, што биле водени на чело со Величков – против Егзархијата и за неа, главно против нејзиниот стремеж да ги централизира црковно-општинските работи во свои раце.
Во текот на распустот во 1893 год. решив да обиколам еден дел од Македонија, што не ја познавав, со цел да ја проучам положбата на земјата и главно на Бугарштината.
Откако се вратив од својата обиколка, не помина многу – некаде во половината на август – во мојот кабинет доаѓа Дамјан Груев, кој штотуку беше дојден преку летото во Солун како заменик на Никола Наумов… Не помина многу време, и Груев наново ме посети, и овојпат веќе поотворено заприкажавме за дејноста, што ни претстои како на Бугари, за да се подобри политичката состојба на нашиот народ.
Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на Бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидувавме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротивставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи… Откако се согласивме за целта на нашата организација – на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записите“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“.

