На 6 април 1909 г. Османлиската империја ја признава независноста на царство Бугарија
На денешен ден во 1909 година, Османлиската империја ја призна независноста на Бугарија со потпишувањето на посебен протокол. Документот го потпишале бугарскиот министер за трговија Андреј Љапчев и турскиот министер за надворешни работи Рифат паша.
Со протоколот се признава прогласувањето на независноста на Бугарија, а истовремено се постигнува согласност по сите прашања и спорни аспекти што произлегуваат од овој чин. Како резултат на тоа, биле уредени и проблемите поврзани со муслиманските општини, како и состојбата со вакуфските имоти во Бугарија и прашањето за Источните железници.
Протоколот бил потпишан во согласност со Руско-турскиот протокол од 3 март 1909 година, потпишан во Санкт Петербург. Со него се решаваат споровите и финансиските проблеми што настанале по прогласувањето на независноста на Бугарија во 1908 година.
Барањето на Цариград кон Бугарија изнесувало обештетување од 125 милиони лева, во кое била вклучена и обврската од 40 милиони златни лева кон компанијата на Источните железници. Ова биле условите под кои Османлиската империја била подготвена да ја признае независноста на Бугарија.
Русија ја презела обврската да ја регулира оваа сума, така што ја одбила од долгот што Османлиската империја ѝ го должела по Руско-турската војна (1877–1878).
Практично, Бугарија не ја исплатила директно оваа значајна сума на Цариград, туку наместо тоа се појавил долг на Бугарија кон царска Русија.

