| |

„Њујорк тајмс“: Сигналот за експлозиви кај „Турски тек“ носи белези на руска операција во поддршка на Орбан

Во текот на четирите години војна во Украина, Унгарија последователно ги поткопуваше дејствијата на Европската унија против Русија. Будимпешта инсистира на ублажување на санкциите и редовно се спротивставува на помошта за Киев. Неодамна го блокираше и заемот од десетици милијарди долари на ЕУ за Украина, наменет да ѝ помогне на земјата во справувањето со руската агресија, пренесува БГНЕС.

Со приближувањето на парламентарните избори на 12 април, Москва изгледа решена да возврати на услугата кон својот најблизок сојузник во ЕУ, премиерот Виктор Орбан. Позицијата на унгарскиот националист, најдолго владејачкиот лидер во Унијата, одеднаш изгледа разнишана.

Во поддршка на Орбан, кој се потпира на евтина руска енергија за да ја одржи слабата унгарска економија, рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец го прими министерот за надворешни работи Петер Сијарто во Кремљ. Путин го уверил дека Унгарија може да смета на испораки на руска нафта, без оглед на потресите поврзани со војната во Иран и и покрај бојкотот на повеќето руски енергетски испораки од останатите земји во ЕУ.

Поддршка доаѓа и од САД. Претседателот Доналд Трамп му даде „целосна и недвосмислена поддршка“ на Орбан, а потпретседателот Џеј Ди Венс ќе ја посети Будимпешта со цел да му помогне во кампањата, додека анкетите покажуваат дека може да ги загуби изборите.

Зголемениот интерес од странство за изборите во држава со помалку од 10 милиони жители ја одразува улогата на Орбан како симбол за конзервативните кругови во странство и како провокација за либералите во Европа и надвор од неа.

Интересот на Русија е особено силен и ги поттикнува противниците на Орбан да бараат докази за мешање од типот на она во претседателските избори во САД во 2016 година и во низа европски избори потоа. Докажувањето на тајно мешање, сепак, е тешко и дури непотребно, сметаат аналитичари. Соработката меѓу Москва и владата на Орбан за влијание врз изборите во голема мера е отворена.

„Приказната е помалку за тајно руско мешање и повеќе за отворена соработка со властите преку антиукраинска реторика, енергетски врски и непријателство кон ЕУ“, изјави Петер Креко, директор на истражувачката група „Политикал Кепитал“ во Будимпешта. „Ова е речиси без преседан за европски избори“, додаде тој.

Од победата на Трамп во 2016 година, кога истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер утврди „широко и систематско“ руско мешање, Европа е особено чувствителна на вакви сигнали. Во Унгарија, сепак, властите не само што не ги ограничуваат, туку ги повторуваат и засилуваат руските пораки, претставувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски како главна закана — улога што Орбан претходно му ја припишуваше на финансиерот Џорџ Сорос.

Низ целата земја, плакати со ликот на Зеленски, поставени од партијата на Орбан „Фидес“, го прикажуваат како закана. Нови плакати од минатиот месец го прикажуваат Зеленски заедно со лидерот на опозицијата Петер Маѓар и предупредувањето: „Тие се опасни! Да ги запреме. Само Фидес на 12 април.“

Во неделата, министерот за надворешни работи Сијарто навести дека Украина стои зад обид за минирање на гасоводот „Турски тек“ кон Унгарија, откако српските власти соопштија дека се пронајдени експлозиви. Орбан свика вонредна седница на Советот за безбедност и распореди војска за заштита на инфраструктурата, што ги засили стравувањата на опозицијата дека случајот може да биде искористен за создавање паника или дури за одложување на изборите.

Создавањето страв следи сценарио нацртано уште во август од руската надворешна разузнавачка служба СВР. Во јавно соопштение, службата наведе дека добила „информации“ дека Украина работи заедно со Европската унија за соборување на Орбан.

„Режимот на Зеленски ја врши валканата работа“, се наведуваше во соопштението.

Обемот на врските меѓу Будимпешта и Москва се виде и од објавен аудиозапис од 2024 година од разговор меѓу Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Во него унгарскиот министер објаснува дека, на барање на Москва, работи на укинување на санкциите против сестрата на олигархот Алишер Усманов. Таа навистина беше тргната од санкциската листа во март. „Ќе направиме сè што можеме за да ја извадиме“, вели Сијарто, а на крајот додава: „Секогаш сум на ваше располагање.“

Сијарто не ја оспори автентичноста на снимката, но изјави дека таа е доказ за надворешно мешање во изборите, без да прецизира од кого.

Европските лидери кои ја поддржуваат Украина реагираа остро. Ирскиот премиер Мајкл Мартин изјави дека ова ги потврдува „сомнежите дека унгарската влада долго време им служи на интересите на Русија во ЕУ“.

Кампањата на Орбан сè повеќе се потпира на антагонизам кон Украина и Брисел. Премиерот се обидува да ја претстави опозицијата како сојузник на Киев и „партија на војната“, стратегија што му донесе убедлива победа во 2022 година.

На митинг близу Будимпешта, Орбан изјави дека опозицијата е „поддржана од Зеленски и Брисел“ и ќе „ја уништи Унгарија“. Пораката наоѓа одек кај неговите гласачи: истражување на „Галуп“ покажува дека само 3% од поддржувачите на „Фидес“ го одобруваат украинското раководство, додека 55% имаат позитивен став кон Русија.

Лидерот на опозицијата Петер Маѓар ја избегнува темата за Украина и се обидува да го насочи вниманието кон историското искуство на Унгарија со руското влијание. На митинг тој ја одбележа 70-годишнината од востанието од 1956 година, задушено од советските трупи. „Изборот е дали ќе живееме во навистина суверена и слободна држава. Одлуката не зависи од Техеран, Брисел или Украина, туку само од вас“, изјави тој.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека „очигледната соработка“ меѓу властите и Москва ги прави изборите особено ранливи на руско влијание. „Руската дезинформација, за жал, работи во корист на владејачката партија“, изјави поранешниот разузнавач Петер Буда.

Ова се виде и во март, кога унгарските власти задржаа два автомобили на украинска банка кои минувале низ земјата. Киев објасни дека станува збор за рутинска операција, но медиуми блиски до „Фидес“ ширеа тврдења дека се превезуваат нелегални средства за опозицијата. Објавените фотографии прикажуваа злато и купчиња пари, но еден детал ја откри манипулацијата — полициските значки беа испишани на кирилица, што не се користи во Унгарија, туку во Русија, што укажува на фалсификат, веројатно создаден со помош на вештачка интелигенција.



Слични Објави