| |

На денешен ден пред 39 години проф. д-р Александар Чирков и неговиот тим ја извршија првата трансплантација на срце во Бугарија и на Балканот

На денешен ден пред 39 години е извршена првата трансплантација на срце во Бугарија и на Балканот, јавува БНР. Операцијата е извршена на 14 мај 1986 година од тим предводен од проф. д-р Александар Чирков во болницата „Света Катерина“ во Софија.

Во периодот 1986-1988, направени се вкупно 6 срцеви трансплантации, како што потсети проф. Димитар Петков, извршен директор на болницата „Света Катерина“.

„Првата трансплантација ја изврши проф. Чирков со својот тим. Прогнозите за тоа колку ќе живеат пациентите беа околу година и шест месеци“, објасни тој.

Оваа прва успешна операција даде значаен поттик за развојот на кардиоваскуларната хирургија во Бугарија.

„Редовно извршуваме по една-две трансплантации годишно, но во периодот 2013-2014 се правеа дури по осум до девет годишно“, додаде проф. Петков.

Бидејќи наоѓањето донори е многу тешко, во последниве години на пациентите им се поставуваат вештачки срца.

За тоа како да се грижиме за здравјето на своето срце, советува доц. д-р Филип Абединов, анестезиолог од „Света Катерина“:

„Помалку стрес, повеќе одмор, прошетки, здрава исхрана и повеќе насмевки!“

Проф. д-р Александар Чирков почина на 24 ноември 2020 г. на 82 години.

Слични Објави