На воените гробишта во Вуковар Радев им оддаде почит на бугарските воени, загинати за време на Втората светска војна
Во рамки на официјалната посета на Хрватска, претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, оддаде почит на бугарските офицери и војници кои загинале во завршната фаза на Втората светска војна во борбата против нацизмот. Церемонијата со воени почести се одржа на Бугарските воени гробишта во Вуковар, каде што се погребани 1.027 офицери, подофицери и војници од составот на Првата бугарска армија, јавува прес-службата на бугарскиот претседател, пренесува БГНЕС.
Заедно со хрватските домаќини, претседателот Радев положи венец пред споменикот на кој се испишани имињата на загинатите Бугари. Оваа година се одбележуваат 80 години од учеството на Првата бугарска армија во последните операции од Втората светска војна.
По церемонијата на бугарските гробишта, бугарскиот претседател положи венец и на Меморијалот на загинатите во Домовинската војна на Хрватска (1991–1995), кој се наоѓа во непосредна близина на бугарскиот споменик во Вуковар.
„Како претседател на Република Бугарија, моја должност беше да оддадам почит кон загинатите и Бугари и Хрвати“, изјави Радев пред бугарските и хрватските медиуми. Тој нагласи дека меморијалот за хрватските жртви кои со храброст ја бранеа својата татковина е потсетник дека добра војна нема.
Претседателот Радев ја изрази благодарноста до хрватските власти за негувањето на сеќавањето и грижата за одржувањето на Бугарските воени гробишта и меморијалот. „Токму сеќавањето на овие настани може да помогне да се спречат идни војни, иако тоа денес е многу тешко“, рече Радев и додаде дека, за жал, и натаму се водат војни во кои страдаат недолжни луѓе, жени и деца.
Претседателот Радев го посети Вуковар во вториот ден од официјалната посета на Хрватска. Вчера тој беше свечено пречекан од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и оствари средби и со претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ и премиерот Андреј Пленковиќ.
„Имавме содржајни разговори за широк спектар прашања од билатералните односи и регионалните теми“, изјави Радев.
На прашањето дали со премиерот Пленковиќ разговарале за односите на Софија со Скопје, бугарскиот претседател истакна дека хрватската страна покажала разбирање и поддршка за прашањето со правата на Бугарите во Република Северна Македонија.
„Колку повеќе Бугарија ја разјаснува својата позиција и укажува на правата на нашите сонародници во Северна Македонија, толку повеќе станува јасно дека тоа не е билатерален проблем, туку проблем на раководството на Северна Македонија, кој земјата треба да го реши со европските институции и конечно да ги исполни копенхашките критериуми за членство, како и обврските кои владата на Северна Македонија ги презеде во 2022 година“, нагласи Радев.

