| | |

НАЦИЈА КОЈА НЕ ИМ ДОЗВОЛУВА ПРИВИЛЕГИИ НА СВОИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

„Јас сум оној кој ги плаќа политичарите”, вели Јоаким Холм, шведски државјанин. „И не гледам причина зошто да им пружам луксузен живот”.

Ова може да звучи многу чудно за луѓето што живеат во други земји, но Шведска не нуди луксуз или привилегии за своите политичари. Без службени автомобили или приватни возачи, шведските министри и пратеници патуваат во преполни автобуси и возови, исто како и граѓаните што ги претставуваат.

Тие немаат право на пратенички-имунитет, може да им се суди во судот, како и на било кое друго лице.

Без секретар пред вратата, канцеларијата на пратениците е помала од 8 м2.

Политичарите кои се осмелуваат да потрошат државни пари на „такси“ патувања, наместо да се возат со воз, завршуваат на насловните страни по весниците. Дури и претседателот на Собранието, добива картичка за користење на јавниот превоз.

Само премиерот има право трајно да користи автомобили и да има лично обезбедување.

Шведските пратеници живеат во мали станови во главниот град, каде што сами се пеглаат и ги перат своите алишта во специјалните перални за облека.

До крајот на 1980-тите, сите пратеници спиеле на кауч во своите канцеларии.

Никој од јавните личности не добива голема плата: платата за членовите на Собранието е околу два пати повисока од платата на наставниците во основните училишта.

На општинско ниво, секоја желба за вработување во политиката може да се толкува како случај кој бара психолошка проценка: бидејќи шведските општински службеници не заработуваат многу, ниту пак имаат право на функција и работат доброволно од дома.

Искуството од Шведска ја урива неразумната идеја дека на политичарите треба да им се даде почит како на повисока класа, која се состои од дами и господа кои се попознати од просечниот граѓанин и поради тоа да  заслужуваат речиси божественото право на бенефиции и привилегии.

Тоа е нација која ги третира своите владини претставници и политички претставници како обични граѓани. Општество кое ја укина употребата на персирање во шеесеттите години и каде што сите се нарекуваат со „ти”. Бидејќи, според шведскиот систем на вредности, никој не е над  другите.

Шведскиот министер за надворешни работи и премиерот,можат да се видат како туркаат шопинг- колички  во супермаркети во Стокхолм. Градоначалникот на Стокхолм како стои во редот на автобуската станица. Претседателот на Собранието како седи во метро…

Без големи социјални нееднаквости, Шведска е несомнено најбезбедната и најненасилната земја, каде што политичарите и граѓаните не треба да патуваат во автомоби кои се непробојни за куршуми. Но, што е уште поважно, ова е општество кое избира политичари кои мораат да бидат во контакт со секојдневните проблеми на граѓаните. На политичарите не им е дозволено да ги ставаат своите лични интереси пред општествените, општество кое покажува дека политичката моќ може да се постигне во границите на пристојноста.

Во судскиот систем, логиката е иста: нема судии кои имаат право на службени возила, секретари или привилегии.

Оние кои се на власт може да бидат повикани на одговорност, и сите информации мора да бидат достапни за јавноста: шведската отвореност се рефлектира во транспарентноста на политичката моќ, што е проследена со најстариот закон за транспарентност во светот. Во 1766 година, јавниот пристап до официјалните владини документи стана уставно право за сите граѓани, содржани во посебно поглавје од Законот за слобода на медиумите во Шведска.

Во Шведска, трошоците на министрите и судиите може да се видат во секое време; можете да го прочитате извештајот на премиерот за данокот на доход; да ги проверите трошоците на шефот на националната полиција или на врховниот командант на вооружените сили; можете да следите како јавните државни агенции го трошат данокот; и да ги следите постапките, предлозите и официјалните одлуки донесени од властите на кое било ниво на овластување.

Еден од најголемите политички скандали во земјата се случил во 1990-тите. Вицепремиерот, Мона Салин, купила чоколадо, пелени и други лични предмети, со државна кредитна картичка и за тоа скапо платила- ја изгубила работата.

За нешто повеќе од 100 години, Шведска се претвори од сиромашно, земјоделско општество во една од најбогатите, социјално најправедни и најмалку корумпирани земји во светот, каде што никој не е и не смее да биде над другите.

Автор: Клаудија Валин

Слични Објави