Над 1.100 бугарски научници од водечки светски универзитети се обединуваат во поддршка на бугарското високо образование
Над 1.100 бугарски предавачи и истражувачи од водечки светски универзитети и научни организации се обединуваат во поддршка на бугарското високо образование во т.н. дигитален академски алманах. На почетокот на иницијативата, кој беше означен на 29 јуни во аулата на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, присуствуваше и заменик-министерот за образование и наука, акад. Николај Витанов. Ова го соопштуваат од Министерството за образование и наука (МОН) на својата веб-страница.
Целта е изградба на одржлива мрежа за соработка, преку која искуството, знаењата и меѓународните контакти на предавачите ќе бидат во поддршка на високото образование и научните истражувања во Бугарија.
Претставниците на универзитетите, научните кругови, бизнисот и бугарската академска заедница во странство разговараа за можности за заеднички научни проекти, менторски програми, академска размена и развој на партнерства меѓу бугарските високообразовни институции и нивните колеги низ светот.
Алманахот обединува предавачи и научници кои работат на универзитети и во научни институции низ целиот свет. Според податоците на организаторите од фондацијата „Неуморните“, над 210 од нив се дел од универзитети што се меѓу првите 60 во светската ранг-листа Global 2000 за 2026 година. Пресметките на организацијата покажуваат дека повеќе од 3.000 Бугари предаваат и развиваат научна дејност во водечки високообразовни институции и научни организации низ светот.
На форумот учествуваа проф. Илијан Михов – професор по економија и поранешен декан на INSEAD, деканот на Стопанскиот факултет на Софискиот универзитет, доц. д-р Атанас Георгиев, како и предавачи и истражувачи од универзитети во Европа, Северна Америка и други држави, наведуваат од МОН.

