Одбележан денот не пешадискиот баталјон, Петровска: Вие сте нашата одбрана, вие сте гордоста

/

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа на денешната свеченост која се одржа во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец по повод одбележување на денот на Првата пешадиска бригада, единица која ги промовира најдобрите вредности на составите од кои произлезе и која најдобро ја отсликува разноликоста на етничката припадност и родовата еднаквост.

„Во оваа најголема армиска единица, рамо до рамо, беспрекорно функционираат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи – заеднички ги покажувате својата стручност и своите највисоки способности и докажувате дека мултиетничноста е предноста на нашата држава…Во вашите редови има 27 жени на командирски должности од кои 2 се командири на чета, а 16 командири на водови“ истакна министеркатаПетровска и додаде дека со нивниот пример, залагања и резултати отвораат простор за уште повеќе жени во Армијата на одговорни и командни позиции.

Министерката Петровска упати благодарност до припадниците и ја потенцира значајната улога на оваа единица,  која во изминативе години дава најголем придонес во поддршка на граѓаните и институциите при различни елементарни непогоди, справување со мигрантската криза, справување со пандемијата и додаде дека токму припадниците на армијата дадоа најголем придонес за нашето членство во НАТО.

„Вие со вашата стручност и подготвеност во извршувањето на обврските во мировните мисии ги собравте сите пофалби од командантите на армиите на земјите сојузнички и покажавте дека Армијата на Северна Македонија не случајно е НАТО Армија“

Токму во таа насока министерката посочи дека во наредниот период следуваат сериозни чекори кон модернизирање на опремата и дека согласно растот на буџетот на одбраната кој оваа година е 1.77% од БДП,над 30% ќе бидат наменети за модернизација.

„Оваа година Армијата на Северна Македонија ќе ги добие првите најсовремени лесни оклопни возила кои ги имаат само најдобрите сојузнички армии, а кои ги обезбедивме преку договорот Влада со Влада од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави. Вложуваме во многу домени за да ја модернизираме Армијата – во најсовремени комуникациски системи, балистичка опрема, вооружување, артилериско вооружување, во системи за противвоздушна одбрана. Како што доликува Армија на НАТО, но пред се како што доликува за професионалци какви што сте Вие, кои ја задолжиле својата држава да возврати најдобро што може“, рече министерката Петровска.

На денешната свеченост се обрати и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини, кој истакна дека развојот на Првата пешадиска бригада е цврсто поврзан со нашето општество и ја одразува трансформацијата на нашата одбранбено безбедосна заедница и дека согласно долгорочниот план за развој на одбранбените способности, до зголемувањето на процентот за модернизација од Буџетот за одбраната, со вложување во опремата за Армијата, статусот на подготвеност е значително подобрен.



Командантот на бригадата, полковник Сашко Лафчиски во своето обраќање потенцира дека на овој ден се оддава признание на сите поранешни офицери, подофицери и војници за нивниот придонес во градењето на единицата и додаде дека Првата пешадиска бригада продолжува да биде круцијална борбена сила и ударна тупаница на Армијата, секогаш подготвена да застане на браникот на татковината во одбрана на националните интереси, територијалниот интегритет и суверенитет.

По повод Денот на единицата, беа доделени повеќе стимулативни мерки и унапредувања за припадниците на бригадата, а беше прогласена и најдобра единица од состав на бригадата – Втората пешадиска чета од Вториот пешадиски баталјон.

На свеченоста покрај министерката за одбрана присуствуваше и заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, државниот секретар Драган Николиќ, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, военото раководство од Генералштабот и потчинетите команди, генерали во Армијата, поранешни команданти на единицата, воени раководители од Министерството за одбрана и Генералштабот, поранешни команданти на бригадата, претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата

Извор: Zoom. mk

Претходна статија

Ова е граничен премин кон Бугарија, Пекевски вели сон на генерации е овој премин да се отвори

Следна статија

Дел Понте: Уапсете го Путин

Најново од Вести