НАД 320.000 ЕВРА ОД ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ ДОСЕГА ИЗДВОЕНИ ЗА КОЛЕКТОРСКИОТ СИСТЕМ ВО ПОТПЕЛИСТЕРИЕТО

Изведбата на колекторскиот систем за собирање на отпадните води од Потпелистерието годинава се реализира со значително зголемена динамика на изведба. Екипите на КЈП „Нискоградба“ веќе работат на потегот кај црквата „Св. Богородица“ во селото Трново, со што се заокружува една целина на поврзување на каналската мрежа со изведбите кои започнаа минатата година од месноста Црвени Петли.

„Битолчани знаат дека Пелистер е нашиот бисер, најголемиот потенцијал за туристички развој. Минатата година Општина Битола во канализациониот систем во овој регион вложи 6.100.000 денари, а оваа година ги продолживме активностите во висина од 14.500.000 денари, односно над 320.000 евра. Овој колекторски систем треба да обезбеди да немаме проблеми со фекалиите во овој регион, да овозможиме заштита на животната средина, меѓутоа и инфраструктурни удобности кои што ќе значат сериозен развој на туризмот. Дополнително, во завршна фаза е склучувањето на договорот за изведба на пречистителната станица која што треба да се наоѓа во долниот дел на опфатот, кај месноста Црвени Петли“, рече градоначалничката Наташа Петровска, која на терен, заедно со претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски, дел од советниците и директорот на „Нискоградба“ извршија увид го градежните работи.

Во иднина е предвидено да се затвори целиот канализационен систем до хотелот „Молика“. На овој начин нема да се загадуваат водите на Пелистер и ќе се овозможат услови за современ туризам. Ова значи и дополнително влијание на економскиот развој на општината, како и препознатливост Пелистер како туристички центар, атрактивен за туристи од целиот свет.

„Ова е проект кој што на Битола и беше потребен години наназад. Битолчани го заслужуваат ова, битолчани ја заслужуваат Баба Планина и се радувам што веќе втора година го користат бесплатниот влез во планината што најпрво ним им припаѓа“, посочи Петровска.
Колекторскиот систем во Потпелистерието е во должина од околу 5,5 километри и дополнително ќе има испуст за пречистените води во должина од 600 метри. Вредноста на целиот проект е околу 60.000.000 денари.

„Со завршување на оваа фаза и на испустот ќе остане уште делот на поврзувањето со системот од Детското одморалиште, а со овој колексторски систем ќе биде опфатено цело потпелистерие, вклучително и хотелот „Молика“ и сите објекти кои гравитираат околу хотелот“, истакна директорот на КЈП „Нискоградба“ Методи Сиљановски.

Покрај средствата кои што се издвоени за колекторскиот систем, Општина Битола изврши нарачка за јавна набавка на обезбедување проектант на патната инфраструктура на потегот Црвени Петли-трафостаница во село Трново, со што целосно ќе се реконструира оваа делница од патниот правец по поставувањето на канализациониот систем.