|

Над 750 милиони евра од ЕУ предвидени за Северна Македонија од реформската агенда од планот за економски раст на Западен Балкан

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово одржаа заедничка прес-конференција на која ја информираа јавноста за Нацрт-Реформската агенда од Планот за економски раст на Западен Балкан на Европска Унија.

Според информацијата проследена од Европската комисија, според формулата од Регулативата за инструментот за реформи и раст, усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, како што нагласи претходно Мицкоски, Северна Македонија треба да добие 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027 година. Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи. Или со други зборови, а со заокружени бројки, 250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, додека 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти, информира Мицкоски.

Тој се осврна на 4-те основни столба од планопт за економски раст за земјите од ЗБ. Во рамките на овој план, нашата земја ќе се фокусира на пет приоритетни области во реформската агенда: управување и реформа на јавната администрација, енергетска и зелена транзиција, развој на човечкиот капитал, подобрување на деловното опкружување и владеење на правото.

Конкретно, ќе се работи на зајакнување на јавната внатрешна финансиска контрола, зајакнување на системот за јавни набавки, декарбонизација и обновливи извори на енергија, (соларна и ветерници), усвојување на систем за трговија со емисии на гас, енергетска ефикасност и справување со загадувањето на воздухот. Тука спаѓа и развојот на образованието и вештини преку реформи на средното стручно образование, како и реформа на државните и јавните претпријатија, особено во поштенскиот и железничкиот сообраќај, вклучително и воведување на интелигентен транспортен систем, зголемување на е-услугите во царинското работење, подобрување на деловната средина преку зајакнување на инспекторатите и зголемување на инспекциските надзори, поддршка за работа на малите и средни претпријатија. Во делот на Владеење на правото – развој на демократијата преку реформа на изборното законодавство, зајакнување на независноста, квалитетот и интегритетот на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, донесување на нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка согласно стандардите на ЕУ и други приоритети кои во интерес на времето не би ги набројувал детално.

„Надоврзувајќи се на мојата претходна прес-конференција кога се осврнав на неискористените ЕУ фондови, зборував за потребата од јакнењето на капацитетот и политика за задржување на кадарот во структурите за имплементирање. Во тој контекст, ќе биде направена анализа за евентуална потреба од создавање на дополнителна структура или користење на постојната (со нејзино зајакнување и проширување), а која што ќе има за цел со сите ресурси и капацитети да обезбеди економска стабилност, одржлив раст и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, кажа Мицкоски.



Слични Објави