Наградена ученичка на конкурс за есеј во Велика Британија: Каузата што ги обединува Бугарите ширум светот се неделните училишта
Осумнаесетгодишната Јунона Буљашки, една од наградените на конкурсот за есеј за ученици и студенти од бугарските заедници во странство, изјави дека размислува да се врати во Бугарија и таму да го продолжи образованието, јавува Радио Бугарија.
Конкурсот втора година го организира Бугарското национално радио под покровителство на претседателот на Бугарија, со цел зајакнување на врските со Бугарите во странство.
Буљашки е родена во Бугарија, но од двегодишна возраст живее во Велика Британија. Таа учела во бугарското неделно училиште „Слово“ во Оксфорд, а по осмо одделение продолжила во училиштето „Иван Станчов“ при бугарската амбасада во Лондон.
„Мислам и јас да се вратам во Бугарија. Сакам да дојдам и да поживеам неколку години, да видам како е тука во мојата држава“, изјави таа, додавајќи дека најверојатно би студирала нешто поврзано со музика или уметност.
Во наградениот есеј Буљашки пишува за тоа што може да ги обедини Бугарите низ светот. Според неа, бугарските неделни училишта имаат важна улога во зачувувањето на врската со културата, историјата и заедницата.
Во пресрет на Денот на независноста на Бугарија, таа изјави дека независноста за неа значи слобода да се развива и да ги следи сопствените интереси.
