|

Народниот правобранител ја осуди изјавата на Ангелов за Вардариште: Наместо присилни иселувања, потребни се одржливи решенија

Народниот правобранител остро ја осуди изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во врска со иселувањето на ромските семејства од Вардариште по неодамнешните пожари на таа локација. Од таму реагираат дека ваквите изјави поттикнуваат стигматизација и дискриминација врз ромската заедница и се во спротивност со Уставот, Стратегијата за инклузија на Роми 2023–2030 и меѓународните документи што гарантираат право на достоинствено домување и еднаков третман.

„Изјави кои повикуваат на присилно раселување на цели заедници, особено врз етничка основа, не само што се опасни и дискриминаторски, туку и ја поткопуваат довербата кон институциите,“ порачуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител. Тие додаваат дека наместо закани и принудни мерки, неопходни се дијалог, системски пристап и соработка со локалната самоуправа, граѓанските организации и самите жители, за да се најдат одржливи решенија со кои ќе се обезбедат и заштита на животната средина и достоинствено домување.

Во соопштението се потсетува дека Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 го третира домувањето како клучна приоритетна област, со цел подобрување на условите за живеење, легализација на постојните живеалишта, интегрирано урбанистичко планирање и пристап до основна инфраструктура. „Решавањето на прашањето со домувањето мора да биде во согласност со човековите права и достоинството на секој поединец, без присила и без раселување ‘по кратка постапка’,“ се наведува во документот.

Народниот правобранител потсетува и на Европската конвенција за човекови права, која го гарантира правото на почитување на домот и семејниот живот, како и на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кој го забранува произволното или присилното иселување. Дополнително, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа бара државите да обезбедат еднаков третман, а Препораките на Европската комисија и Советот на Европа повикуваат на одржливи решенија во духот на инклузија и еднаквост.

„Ги повикуваме институциите и јавните личности да се воздржат од изјави кои поттикнуваат дискриминација и да работат во согласност со националните стратегии, меѓународните стандарди и принципите на човековите права,“ се истакнува во соопштението на Народниот правобранител.

Слични Објави