НАШАТА ЛИКОВНА УМЕТНИЧКА ГОРДАНА ВИНЧИЌ ЗЕДЕ УЧЕСТВО ВО ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА БОГЕ ВО КОСОВО

Нашата ликовна уметничка Гордана Винчиќ беше дел од меѓународната ликовна колонија во Боге, Ругова, Косово на покана од организаторката ликовната уметничка од Косово, Шкурта Хаксиу. Колонијата се одржа во периодот 8 до 13 јули и истата е подржана од Министерството за култура на Косово, хотелскиот комплекс ”Магра Австрија” и Здружението на лица со посебни потреби од Приштина. Учество во колонијата земаа уметници од Албанија, Косово и Македонија.

Еве што ни раскажа Гордана за ликовната колонија во Косово.

„Возбудлив предизвик ми беше фактот дека многумина од учесниците не зборуваат на јазиците кои добро ги познавам: македонски, српски, шведски, грчки и германски. Албански знам само неколку збора но тргнав со позитивно чувство во стомакот дека ќе биде прекрасна дружба и ново искуство за мене како човек и уметник. Двајца колеги, Африм Зибери и Рејан Етеми ми направија голема чест да ме земат со кола од Скопје и заедно со нив да патувам до дестинацијата каде што се одржуваше колонијата. Освен тоа што се добри уметници тие пред се беа вистински џентламени во текот на целото патување. Се погрижија за паузите, кафето па дури и за секоја интересна попатна информација за местата кои ги поминувавме. Позитивен впечаток ми остави градчето Пеќ кое се наоѓа на 20 км од Боге. Тука ја посетив општинската галерија, си купив интересни четки за сликање и уживав во локалното макијато. Комунициравме на неколку јазици, се смеевме и секој научи по некој нов збор.

Голема инспирација добив при дружбата со колегата од Косово, Скендер Идризи кој позади себе има 40 години работа како слободен уметник и професор. Тој претежно работи абстракција но зима инспирација од природата. Заедно со него ги истражувавме природните богатсва на околијата Ругова. Творевме до реката Бистрица а резултатот беа две дела, слики, ”Сестрите на Бистрица” кои останаа во сопственост на спонзорите и подржателите на ликовната колонија.

Последниот ден од мојот престој се одржа и изложба на која беа представени сите уметнички дела а не посетија и дечиња со посебни потреби. Тие уживаа во дружбата со уметниците а имаа и можност сами да насликаат по една слика. Пресреќни беа и две девојчиња на кои им направив по еден портрет за подарок.

Целокупното мое искуство е незаменливо, прекрасно си поминав, локалната еколошка храна беше извонредна и карактеристична за Косово. Научив дека ние Македонците генерално имаме непотребни предрасуди за Албанците кои јас ги доживеав како, питоми, џентламени, дарежливи, услужливи, забавни, интересни, соработливи, вредни, искрени, љубопитни…едноставно прекрасни луѓе.

На крај посебно сакам да и се заблагодарам на организаторката и моја добра пријателка Шкурта Хаксиу за одличната организација и професионалност во секој поглед. Таа планира да одржи уште една ликовна колонија на есен на која секако сум поканета“.

Погледнете ја и галеријата од овој културен настан: