„Нашиот“ Ламбе и нивната „Златна зора“
Пишува: Атанас Величков
Пред речиси 9 години (во крајот на 2014 г.) познатиот македонски рапер и хип-хоп изведувач Марко Маринковиќ познат како Слаткар стана првиот странски изведувач почестен со нумера во серијата Оne Shot на бугарско-германската продуцентска куќа Facing The Sun. Песната „Бумеранг“ на Слаткарот беше прифатена прекрасно од бугарската публика, која одамна го има признаено нашиот музички артист за еден од најдобрите рапери на Балканот.
Во „Бумеранг“ се пее за тоа дека „сѐ се враќа-сѐ се плаќа бато“ и дека „кармата е жена, се спрема доаѓа покасно“. Има огромна вистина во овие пораки, што преку својата уметност ни ги пренел извонредно талентираниот Слаткар. Има определена симболика во тоа кога, уметничкиот текст инспириран од реалниот живот, ќе се потврди пак таму во реалноста и во тривијалното битие.
Денеска во 11.30 часот претседателот на веќе непостоечкиот клуб „Цар Борис Трети“ Томе Блажески треба да се јави во соба бр 68 на Основното јавно обвинителство во Охрид, како осомничен во врска со кривично дело по член 179 и член 319 од Кривичниот законик на РС Македонија.
Членот 179 се однесува на кривичите дела поврзани со излагањето на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, додека членот 319 се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.
Кога, каде и како Томе Блажески го исмејувал македонскиот народ и припадниците на заедниците што живеат во РС Македонија, или пак предизвикал национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, се прашања на кои треба да одговори подносителот на пријавата првиот човек на Еврејската заедница во земјата Пепо Леви. Истиот кој „благородно“ во изјава во медиумите истакна дека тие „немаат ништо против сегашна соседна Бугарија“. Каква големина покажува Леви, големина поголема од Белград и Москва, ама со нивен привкус.
Вчера маскирана група од припадници на неонацистичката грчка криминална организација Златна зора упаднале на изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреевски во Солун. Од „Златна зора“ објавиле дека „е запечатена скопската изложба во Каламариа“ и додале дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па затоа морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Во наведените примери имаме две очигледни жртви, едниот е Томе од Охрид осомничен за тоа дека се потсмевал со македонскиот народ и припадниците на заедниците, а другиот е Сергеј од Скопје обвинет дека неговата скопска изложба е очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците.
Ако во едниот случај, на осомничениот Томе му се заканува и затворска казна заради предизвикување на национална омраза, Сергеј поминал полесно, него заради маркетиншки цели го искористиле група екстремистички кловнови, чии симболи и идеологија наликуваат на недоносен национал-социјализам.
Кармата, што ја спомнавме во почетокот на овој текст, многу често не удира директно врз оној, којшто ја предизвикал. Ете Ламбе Пироманот не пропушти да ѝ соопшти на јавноста во РС Македонија дека се чувствувал горд, поради својот несмасен обид да предизвика пожар во просториите на КЦ „Иван Михајлов“ во Битола. Горди, најверојатно се и оние кои фрлаа камења и пукаа по просториите на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид. Тие, нема како јавно да се пофалат со својот „херојски“ чин, бидејќи сѐ уште се водат како непознати сторители.
Во секој случај, фановите на Ламбе и на напаѓачите на клубот во Охрид, би требало да си признаат, ако не јавно, барем во самите себе, дека не е убаво кога стапот ќе се сврти кон нивен сонародник и кон нивниот „милениумски идентитет“.
Замислете само како грчката верзија на Ламбе, се појавува во некаков подкаст на You Tube и онака со патос, кажува пред грчката јавност, колку е горд што му ја запечатал скопската изложба на скопјанецот Андреевски. Уметникот ни крив ни должен, исто како Љупчо од Битола и Томе од Охрид.
Во целата таа замислена сторија среќа во несреќа е дека многу малку се „големите македонски патриоти“, кои го разбираат грчкиот јазик, па и да се случи таква самопофалувачка изјава од страна на грчкиот Ламбе, тие нема да разберат ни збор и ќе продолжат да го „ништат“ бугарскиот непријател, со кого прекрасно се разбираат посебно, кога се работи за размена на пцовки на социјалните мрежи.
Слаткарот со кого започна овој напис има и друга генијална мисла преточена во текст на негова песна (во дует со бугарскиот изведувач Криско). Таа мисла гласи вака: Слепиот најдобро се снаоѓа у мрак… Тик так. Часовникот на лажните креации од минатото, безмилостно чука. Да запалиме светло, оти не сме сите слепци.

