НАШИТЕ КРИМИНАЛЦИ СЕ ПОДОБРИ ОД ВАШИТЕ

Еден од клучните “аргументи” на Владата во борбата со критиката е заплашувањето дека треба да сме тивки оти “ДПМНЕ може да се врати”.
Најголемата трагедија во оваа аргументација не е нискиот степен на демократска свест, туку фактот што ДПМНЕ навистина може да се врати. 
Проблемот, притоа, е така длабок, што ниту едниот ниту другиот отруен партиски табор не го разбира во суштина.

Не е тука прашањето дали тие ќе се вратат во форма во која ја замислуваат распашаните и раскомотени властодршци, или пак, скраја било, оние крволочни кучиња на злосторничкото здружение, (претворени преку една одвратна метаморфоза демек во жртви!), туку елементарниот проблем во сржта на младата македонска држава е фактот што тука вопшто има простор за враќање.

Личи на филозофска размисла, ама малку размислете и ќе видите дека многу е просто. 
Ние не умееме да расчистиме. И тоа да го направиме еднаш за секогаш. 
И овој елементарен дефицит на меморија вешто го користи мафијата со сите нејзини експозитури низ партиите. 
Овој ограбен (и материјално и духовно) народ низ годините системски е распарчосуван, партиски поделен, за фокусот да биде меѓусебната битка (и се’ друго), наместо битката со нив, со криминалците како суштинско зло на оваа земјчика.

Се измислуваа(т) странски и домашни непријатели, се создаваат владини, невладини, медиумски и бизнис центри, никнуваат партии, се негуваат домашни и меѓународни спорови, се’ што треба само за триесет години тие, криминалците да бидат заштитени од енергијата што треба да е насочена кон ним, наместо еден кон друг.

Затоа се уништи образованието, се партизираше системот, затоа се згази културата, затоа се смачкаа институциите и се погани правдата.
Оти се комотни. Знаат дека народот за некоја година ќе ги врати. Пак. И пак. И пак. Едните, па другите. Пак. Темата тука не се партиите 😉

Е ова не го разбраа лудите глави кога велевме дека ДПМНЕ не смееше и не смее воопшто да биде тема.
Не е иронија. Тоа што ДПМНЕ се’ уште е тема, и ваква каква што е, се’ уште легитимирана како демек опозиција, оди најмногу во прилог токму на власта. Чукнете ги главите!
Сите вие коишто сега се тепате дека вашите криминалци се арните! 
И вие кои демек сте згрозени од овие сегашниве, и вие кои на овие им барате алиби во задните намери на оние кои им ги открија лицата. 
Сите сте вие лудаци, да цитираме еден од нив.
Кога овој народ би умеел еднаш вистински да расчисти, ама еднаш засекогаш, со една експозитура на кримосите, остатоците во другата или во третата нема да ја имаат храброста дрско да ни парадираат и полни во своето безобразие да ни ги корнат раните. 
Па белким има оваа земјчика пет, десет, педесет чесни луѓе. Да ги најдеме бре или да ставаме клуч на дуќанчето.

Оти, дечки, како да ви кажам, бројов на згрозени по глава на жител никако не одговара на бројот на криминалци. 
Дајте огледалата!

Автор: Катарина Синадиновска