НАСКОРО ЌЕ ЗАПОЧНЕ РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ДЕЛНИЦАТА ПОНИКВА – КОЧАНИ
Напорите на градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев за финансиска поддршка и реализација на приоритетите за развој, даваат резултати.
Обезбедени се близу 87 милиони денари од Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитацијата на постојниот коловоз на дел од патот Пониква – Кочани.
Градежните работи ќе се одвиваат на потегот од паркингот на Пониква надолу во должина од 10, 4 км. Со постапката по јавниот оглас за поправка и рехабилитација на државни делници објавена од Јавното претпријатие за државни патишта, за изведувач на делницата Пониква – Кочани е избрана компанијата „Ексаватори“.
– Препознавајќи ги потребите на граѓаните, направивме силни напори за поддршка на туристичкиот развој на овој крај. Задоволен сум што обезбедивме средства да се поправи најоштетениот дел од патот Пониква – Кочани, на кој не е интервенирано откако е изграден на крајот на седумдесеттите години. Пониква е спортско-рекреативен центар на Истокот на Македонија, од кој треба да создадеме привлечна туристичка дестинација, а патната инфраструктура е еден од главните услови за тоа – вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Поправката на оваа суштинска туристичка делница за Кочани дојде многу бргу по посетата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој најави дека за Кочанскиот регион во наредниот период е предвидено да се вложат 70 милиони евра: за реконструкција и на дел од патот Кочани – Пониква, за изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, како и за обиколницата кај Кочани.