„Наследство“- Скопје со реакција и неколку прашања до потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Стоилковиќ
Граѓанското здружение „Наследство“ од Скопје објави реакција во која постави неколку прашања до потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ. Реакцијата на „Наследство“ доаѓа по информација објавена на официјалниот сајт на Владата на Република Северна Македонија за средба на министерот Стоилковиќ со претставници на граѓански организации кои ги претставуваат различните етнички заедници во земјата.
Ви ја пренесуваме реакцијата на „Наследство“-Скопје во целост и без уредничка интервенција:
По објавената информација на официјалната веб-страница на Влада на Република Северна Македонија од 25.02.2026 година, во која се информира јавноста за работната средба на потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, со претставници на одредени граѓански организации од повеќе етнички заедници, Здружение „Наследство“ чувствува обврска јавно да реагира.
Иако ја поздравуваме секоја иницијатива што има за цел унапредување на меѓуетничката соработка и општествената кохезија, изразуваме сериозна загриженост поради фактот што на средбата не беа повикани претставници на граѓански организации од сите етнички заедници кои живеат во државата.
Оправдано се поставуваат неколку прашања:
Дали одредени заедници се привилегирани во однос на други?
Дали учеството на вакви владини средби е резервирано исклучиво за заедниците кои се експлицитно наведени во Уставот?
Дали заедниците што не се впишани во Уставот практично се исклучени од институционален дијалог?
Отсуството на претставници од хрватската, бугарската, египќанската, црногорската, словачката, еврејската и други заедници отвора сериозна дилема за принципот на еднаквост.
Доколку одредена етничка припадност мора да биде уставно наведена за да може да учествува во институционален дијалог и процеси на одлучување, тогаш се поставува прашањето дали навистина зборуваме за целосна инклузивност и еднаквост пред законот.
Во современа демократска држава, правото на глас, застапување и учество во процесите на креирање политики не смее да биде условено со формално уставно споменување. Секој народ што живее во Република Северна Македонија постои – без разлика дали е наведен во Уставот или не – и има право на институционална видливост, слушнат глас и рамноправен третман.
Се поставува суштинското прашање:
Кој ќе ги претставува интересите на оние заедници што не биле повикани? Кој ќе одлучува во нивно име?
Оттука, уште поочигледно се наметнува прашањето за важноста од уставно препознавање на сите народи што живеат во државата. Впишувањето во Уставот не треба да се гледа како политички инструмент, туку како чин на правна сигурност, еднаквост и гаранција дека ниту една заедница нема да биде оставена надвор од институционалните процеси. Само преку јасно и недвосмислено уставно признавање може да се обезбеди целосна рамноправност, спречување на селективност и вистинска инклузивност во носењето одлуки што ги засегаат сите граѓани.
Здружение „Наследство“ работи во насока на владеење на правото, слобода на говор и еднаков третман на сите народи во државата. Веруваме дека институциите мора да демонстрираат вистинска инклузивност, а не селективен пристап.
Очекуваме од министерот Иван Стоиковиќ јасно образложение за критериумите по кои се упатени поканите за оваа средба и дали Министерството планира да обезбеди рамноправно учество и на останатите етнички заедници во идните процеси.
Демократијата подразбира вклученост, а не исклучување.
Еднаквоста не смее да биде декларативна, туку реална и практична.
Со почит,
Игор Билбилоски
Претседател на здружението „Наследство“ – Скопје

