|

Научниците создадоа роботска птица за да ја набљудува природата

Истражувачи од Швајцарскиот федерален технолошки институт во Лозана го конструираа првиот робот од ваков вид, кој не само што може да лета како птица, туку и да слета на гранка како неа, пишува магазинот Nature Communications, пренесе БТА.

Научниците сметаат дека во иднина роботизираната птица би можела да се користи за набљудување на животните во нивната природна средина и за собирање примероци од дивината. Друга можна примена на уредот кој тежи 700 грама, е проверка на цевки и далноводи во тешко достапни места.

За разлика од беспилотните летала, недостатокот на перка на птицата робот и овозможува да се движи тивко и незабележливо, за да не ги исплаши животните. Тоа го прави идеален за набљудување.

Досега, роботите кои можат да мавтаат со крилјата како птици не поседувале способност да слетаат. Нивниот „соработник“, конструиран од швајцарски научници, е првиот од ваков вид, способен самостојно да лета до хоризонтална греда и да се прилепува на неа со своите механички канџи.

Колку и да изгледа едноставно во природата, слетувањето на птица на гранка е сложен маневар. Роботизиран уред со крилја мора да биде способен значително да забави без да падне и да се урива. Неговата канџа треба да биде доволно силна за да го држи на гранката, но не премногу тешка за да не го попречува летот.

Роботската птица мора да биде способна да ја набљудува околината и специјално прилагодената прачка за слетување. Тоа се постигнува со помош на вграден компјутер и систем за навигација.

Специјалистите успеале да го научат роботот да слета без инциденти. Меѓутоа, досега експериментите се правеле само во затворени простории. Следната цел на креаторите на роботската птица е да ја усовршат за лет на отворено.

Слични Објави