Не е повеќе дел од Беса, пратеникот Бастри Бајрами станува независен
Довчерашниот пратеник на Беса, Бастри Бајрами, од денеска ќе дејствува како независен. Тој се огласи преку соопштение, во кое вели дека од денеска продолжува да функционира како независен пратеник во Собранието.
„Јас, долупотпишаниот пратеник Бастри Бајрами, ве информирам дека од денес ќе дејствувам како независен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, се нагласува во соопштението испратено до собранискиот спикер, Талат Џафери.
Претходно, и Аријанит Хоџа најави дека се оградува од политиките на таканаречениот опозициски блок.
Заменик-претседателот на Беса, Аријанит Хоџа, во објава на својот фејсбук-профил се огради од таканаречениот опозициски блок на Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.
„Почитувани активисти, поддржувачи, симпатизери и сите вие што овие години бевте сопатници на нашето политичко патување. Дозволете ми преку оваа објава да ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејства во таканаречениот опозициски блок оценувајќи дека главните актери, носители на оваа иницијатива, немаат цел политичка ротација, туку, едноставно, перење политички фигури, кои недалеку од денес беа токму актери за одржување на актуелната власт на Албанците и ја спречија ротацијата во таборот на Албанците. За деталите во врска со политичките убедувања и луѓето што делат исто политичко мислење со мене, ќе ве информираме преку јавен настап во текот на оваа недела“, напиша Хоџа на „Фејсбук“.