|

Не му пресудија бегствата на затворениците, но ќе му пресуди политичкиот пазар – смена на директорот на „Идризово“

Директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, не понесе одговорност за низата скандали што го следат неговото директорување, но ќе биде разрешен поради политичкиот пазар, дознава „Макфакс“. Според извори во Владата, тој засега е едно од кадровските прашања за кои треба да се дискутира бидејќи ресорот ќе го преземе или Алијансата за Албанците или СДСМ. Пред еден месец „Макфакс“ побара и коментар од Владата дали новите коалиции се поважни од одговорноста што треба да се понесе при нестручно раководење со институциите – но од таму досега не одговорија. Став за најавеното разрешување побаравме и од директорот Тахири, но не одговори на нашиот повик.

Изминативе месеци во затворот „Идризово“ се случија низа скандали. Полицијата правеше претреси по налог на судот и наоѓаше дрога, телефони, недозволени предмети. Имаше и тепачки по кои затвореници беа пренесувани во болница. Постоеше и обвинување дека затворски полицајци ноќта пред пречекот на Нова година претепале млад затвореник. Меѓу најголемите скандали беше бегството на Беким Мемети за кое се води и истрага, а во кое осомничени се командир и затворски полицајци.

Пред речиси два месеца, премиерот Димитар Ковачевски, прашан дали Тахири ќе понесе одговорност за сите случувања во „Идризово“ – не негира, ниту потврди иако тоа е предвидено со Законот за извршување на санкциите. „Макфакс“ упати и писмени прашања на 20 јануари – на кои досега не доби одговор.

Тахири дојде на функцијата без искуство во затворскиот систем. За него, Управата за санкции велеше дека му е дадена шанса да се докаже.

„Го предложив за да добие шанса како и секој друг. Го најдов во општина Камењане, ми го препорачаа како голем борец против криминалот и корупцијата“, рече Марјан Спасовски, разрешениот директор на Управата за санкции.

Седница на Владата е закажана и денеска. Дали сите кадровски прашања ќе се најдат на дневен ред, ќе се знае кога седницата ќе почне.



Слични Објави