| | | |

Неделковски: Не може ние да сме виновни за неспособноста на функционерите да ги решат проблемите меѓу две држави

Трибуна: Г-не Неделковски, да ги расчистиме прво дилемите за тоа, беа ли информирани родителите за агендата на патувањето на нивните деца во Бугарија?

Славчо Неделковски: Да. Сериозно не разбирам, како може толку „извикани чувари” на правата на децата да тврдат дека ние сме ги одзеле децата од родителите без нивно знаење каде патуваат. Тоа како прво. Второ, ние имаме систем на работа за секоја активност посебно во која сите родители и ученици на одредени активности се вклучени на социјална апликација, каде се добиваат и дневни агенди и тековни известувања, како и фотографии, но и координации и измени во програма. На крај, на сите родители им се дава простор во тој форум да се изјаснат дали нивното дете, наш ученик, има забелешка или имаат тие за реализираниот проект.

Сериозно е аматерски, колку правно неписмени не ценат, оние кои покренаа хајка против нас. Притоа хајката оди до таа мера да се копираат изјави од родител чие дете било на посетата во Брисел, но не му се допаднало, па повеќе не доаѓало кај нас. Во ред. Затоа ние сме и непрофитабилна организација каде учениците бесплатно се едуцираат. Индикативно е што таа изјава беше искористена на 12 јули на еден медиум како ексклузивна, од извор познат само на медиумот, а вчера 21 јули беше повторно активирана од сосема трет медиум како нивна ексклузивна вест. Има ли пилот во авионот?

Трибуна: Во текот на долгогодишното работење на студиото, се сретнале ли децата и со други политичари од Балканот и пошироко?

Славчо Неделковски: Прво политичари на Балканот не е соодветниот израз затоа што секој со 2 дена стаж во политиката цени дека е политичар. Носител на јавна – државна функција е нешто сосема друго. И да. А кој ги пречекува децата на светски детски ликовни колонии – конкурси и патувања? Претседатели на држави, министри за надворешни работи – образование и наука или култура, амбасадори и градоначалници. Педесет и пет години е ова пракса. Се знае на вакви манифестации кој е домаќинот и ние секогаш внимаваме лицето или лицата да се носители на државни функции.

И ова не е прв обид. Имаше и за како тоа некои други организации учествувале на детски ликовен конкурс на тема „За побезбеден свет” пример од НАТО. Е сега, ние први учествувавме во 2ОО3 година и на 29 Ноември на барање на тогашниот Генерален Секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон , во кабинетот на тогашниот Претседател на Македонија, Борис Трајковски, на наш ученик и на нашиот основач му беше доделена Гран При наградата, а ние него со дело од наш ученик. И? Овие неколку дена имаме само едно прашање: Сериозни сте што говорите – пишувате и правите?

Или ајде обратно. Кој им даде дозвола на двеста ученици на „Мал Битолски Монмартр“ оваа година да се сретнат и да се видат, па макар и од бина, иако имаше доста фотографии со двајца министри во Владата, па двајца амбасадори и двајца Генерални конзули и еден градоначалник? По 55 години ние треба да бараме документ дека е „работено со децата и осознаваат” дека наградите ќе им ги врачи градоначалникот на Општина Битола што пак е наша статутарна одредба.

Трибуна: Дали некој од родителите изразил жалење дека неговото дете било дел од последното патување во рамките на иницијативата „Од двете страни на границата“?

Славчо Неделковски: Ни за последното, ни за претходните. Нели и министерот тоа го изјави.

Но имаме прашање, кој ќе им ја исплати оваа штета која им ја прават овие хајки на нашите ученици – деца на своите родители и нивните семејства? Тие права нели не се битни или не барем во овој ужасно партизиран и политизиран случај за кој цениме дека е инсинуиран?

Дали ќе има предмет пред ОЈО? Не знаеме. Ако има, кога ќе заврши и како, исто така. И пак прашање? Ако заврши или го нема, кој ќе им се извини на сите наши членови и поддржувачи па и на нас како раководство за клеветите – квалификациите и вознемирувањето? Никој? За кои права тогаш говориме? Оние селективно толкуваните? Кој застана да рече „има известување до ОЈО? Ако има основ ќе има постапка и толку”, а тука мислам на органите на власта кои молчат.

Трибуна: Против Вас се води организирана кампања. Вие и вашите соработници во Бугарија станавте жртва на антибугарската хистерија што во последните неколку години се разгоре овде. Каков е вашиот коментар?

Славчо Неделковски: Коментарот е ист веќе 1.5 година. Соберете си ги гнасните шепи на тесно политичките интереси за евтино партиско профитерство од нашите ученици. Не може ние да ви сме виновни за вашата неспособност да решите проблеми меѓу две држави. Децата не смеат да се жртви на политичките игри од кои секогаш политичарите имаат корист, но не и ние. Ние сликавме пред нив – ќе сликаме и сега а и по нив.

Срамота е што некој одлучил во моменти кога се активни некои политички процеси во двете држави да помисли дека ние можеме да сме идеалниот грб врз чиј терет треба да падне неспособноста на политичарите. Решете си ги самите проблемите за кои сте платени и тоа со наши пари.

Со сите 80 држави со кои актуелно соработуваме во моментот како детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола, ние ќе продолжиме соработка со исто темпо и квалитет како и до сега.

Иако пак имам прашање. Кога во соработките со Бугарија – Врабевски и Фондацијата Бугарска Памет ние не сме ги промовирале Детското студио – Битола и Северна Македонија? Како и кога тогаш станавме бугарофили? Тогаш сме глобалофили. Ние секаде ги промовираме тие три вредности и тоа 55 години без прекин. Сега и појако и погласно.

Или и тоа го толкува кој како сака? Нема проблем. И следните 55 ќе продолжиме со исто темпо и без разлика дали Македонија ќе не сака и поддржува ние ќе продолжиме да ја промовираме само неа. Не знам кого друг би промовирале. Сериозно.

Слични Објави