| |

Нехамер по средбата со Денков: Шенген прво треба да се поправи, а после да се проширува, тоа нема врска со Романија и Бугарија

„Во моментов ни е незамисливо да го прошируваме Шенген, но тоа нема никаква врска со Бугарија и Романија, тоа е прашање на безбедност“, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер по средбата со бугарскиот премиер академик Николај Денков, кој е на еднодневна посета на Виена, јавува БГНЕС.

Двајцата остварија средба на четири очи, по што следеа билатерални разговори со учество на бугарската делегација во состав министерот за внатрешни работи Калин Стојанов и заменик министерката за надворешни работи Елена Шекерлетова.

„Шенген зоната мора да се поправи. Сè додека не се санира, не можеме да го прошириме овој простор“, рече и Нехамер, цитиран од бугарската Нова ТВ.

„Ние сме благодарни на Бугарија за сите напори и жртви што ги прави за зачувување на надворешните граници на ЕУ, а со тоа и на Австрија“, истакна и австрискиот канцелар.

Од своја страна, Николај Денков по средбата го изјави следново:

„Секој има свој став, но ние мора да зборуваме и да ги кажеме нашите аргументи. Немаме разлики дека треба да се зајакнат надворешните граници, да се зајакнат договорите со третите земји од кои доаѓаат мигрантите“, објасни тој.

Потсетуваме, претходно, веднаш по пристигнувањето во Виена, бугарскиот премиер најави дека за членството на Бугарија во Шенген се очекува да расправа Европскиот совет во декември.



Слични Објави