| |

Портпаролката на ЦИК на Бугарија, Стојанка Балова: Сите избирачки места во земјата се отворени и започнаа со работа

Сите избирачки комисии во земјата започнаа со работа и нема неотворени избирачки места, соопшти портпаролката на Централната изборна комисија (ЦИК), Стојанка Балова, на брифинг пред новинарите по повод почетокот на денешниот изборен ден за избор на претседател и потпретседател, пренесува БТА.

Во некои избирачки комисии има замена на членови, но станува збор за поединечни случаи во областите Бургас, Видин, Враца, Велико Трново, Габрово, Ќустендил, Ловеч, Стара Загора, Хасково, Шумен, Русе, Смолјан и Софиската област, рече таа. Двајца членови не се појавиле, а дел од отсуствата се поради здравствени проблеми, објасни Балова.

Само на три избирачки места во земјата се преминало на гласање со хартиени ливчиња – во Јамбол, Хасково и Русе, поради проблем со машината. Засега до ЦИК нема поднесени жалби и пријави за гласањето во земјата и во странство.

Балова потсети дека изборниот ден започна во 7:00 часот и завршува во 20:00 часот, а доколку пред избирачкото место има гласачи што не гласале, гласањето може да продолжи најдоцна до 21:00 часот. На избирачките места надвор од земјата гласањето исто така започнува во 7:00 часот и завршува во 20:00, односно во 21:00 часот по локално време, при што гласањето во странство најдоцна ќе заврши во 17:00 часот по локално време во САД.

Во врска со изборите во странство, портпаролката на ЦИК информираше дека гласањето се одвива мирно и нормално. Први гласале Бугарите во Окленд, Нов Зеланд. Претходно, барања за гласање во странство поднеле 38.227 бугарски граѓани, а оние што не поднеле ќе можат да гласаат на избирачко место по свој избор, откако ќе пополнат изјава дека нема да гласаат на друго место.

Портпаролката на ЦИК потсети дека во странство има 613 избирачки места во 60 држави. На 242 од нив ќе се гласа со машина, а на 24 ќе има по две машини. Најмногу избирачки места има во Обединетото Кралство – 82, и во Турција – 78. Во Германија ќе има 70 избирачки места, во Шпанија – 67, во САД – 44, во Италија – 29, во Грција и Холандија – по 24, во Франција – 18, во Австрија – 17, во Белгија – 16, во Канада – 15, а во Молдавија и Швајцарија – по 11.

Во земјата и во странство има вкупно 12.683 избирачки комисии и 11.902 машини, рече Балова. Таа потсети дека право на глас имаат 6 милиони и 590 илјади граѓани, од кои 46.001 ќе гласаат првпат. На 3.068 избирачки места во земјата и во странство ќе се гласа со хартиени ливчиња. Таа додаде дека при проблеми со машините ќе се обезбедува помош од специјализираниот центар за поддршка на „Сиела Норма“.

За лицата со оштетен вид има тактилни шаблони, достапни само на избирачките места каде што се гласа со хартиени ливчиња. При здравствени проблеми е дозволено гласање со придружник, но не и поради неписменост.

На денот на изборите е забрането јавно објавување резултати од испитувања на јавното мислење, како и предизборна агитација. Ова вклучува забрана за агитациски материјали, јавни настапи во поддршка на кандидати и партии, како и користење на социјалните мрежи за агитација, потсети Балова. На избирачките места не е дозволено влегување со оружје и опасни предмети, ниту какви било активности што го попречуваат нормалното одвивање на гласањето, изјави таа. Забрането е и користење мобилни уреди и камери за снимање на гласањето, за да се зачува тајноста на гласот.

Во апликацијата на ЦИК „Избори 360°“, избирачите можат да проверат на списокот на која избирачка комисија се запишани. По завршувањето на изборниот ден, пребројувањето на гласовите и составувањето на записниците ќе можат да се следат преку видеопренос во живо. Од видеопреносот се изземени избирачките места со подвижна гласачка кутија, во здравствени установи, во домови за стари лица, во установи за притвор и издржување казна затвор, како и избирачките места надвор од земјата.

Стојанка Балова посочи дека во 20:00 часот ќе се врши редовно следење на статусот на видеопреносот во живо, а автоматски ќе се доставуваат извештаи до ЦИК и до реонските изборни комисии (РИК) за секој реон. Извештаите ќе содржат информации дали уредот е вклучен или дали преносот е прекинат, според бројот на избирачката комисија и адресата во реонот. Доколку има прекин на видеопреносот, РИК треба веднаш да даде упатства за вклучување на уредите за снимање. Резултатите од гласањето ќе бидат објавени во рок од 48 часа по изборниот ден, додаде Балова.

Слични Објави