Нема повеќе каубојски вработувања на Токсикологија, осмнаесетмината со исечени договори си одат, Чибишев за нови ќе објави конкурс
На Токсикологија повеќе нема да работат осумнаесетте лица со истечени договори. Новиот директор на Клиниката, Андон Чибишев најави дека ќе се распише конкусрс и, како што рече, каубојски вработувања веќе нема да има.
Чибишев оцени дека во изминатиот период Клиниката била доведена во ситуација на организациски и кадровски колапс, а тоа во моментов уште повеќе ја отежнува состојбата бидејќи е период на годишни одмори.
„Најголем проблем ни е кадровската екипираност за да одговориме на предизвиците. Во изминатиот период имавме вработено тука 18 лица кои работеа неколку месеци со истечени договори. Тоа внесуваше немир и конфликти меѓу вработените. Се даваа информации дека имаат договори за вработување благодарение на добиена согласност од Министерство за финансии, но таква согласнот не постои“, рече Чибишев.
Образложи дека има документ од април 2024 во којшто пишува дека Министерството за финансии се прогласува за ненадлежно за одлучување за согласност за вработување, бидејќи се бара за време на избори. Истовремено, и антикорупциската комисија ги има оспорено таквите договори, а оспорени се и од Државниот санитарен инспекторат по две основи. Едниот е дека барањето за вработување се случува за време на избори што е спротивно на одредбите од изборниот законик, а второто е затоа што не се потпишани од двајцата директори.
Рече дека осумаесетте кои работеле на Клиниката биле изманипулурани со лажни ветувања дека ќе бидат вработени, незаконски престојуавле во институцијата со невалидни договори, а што е уште потрагично добивале и плата.
„Исплатена е една и пол плата, со што буџетот на Клиниката е оштетен за околу 650.000 денари. Тоа е значајна сума за нашата институција, секој денар е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесуиран до надлежните државни институции“, рече Чибишев.
Новиот директор е задоволен од комуникацијата со министерот за здравство, Арбен Таравари, со кој работат на решавање на проблемот со недостатокот од кадар. Рече дека направиле проценка колку кадри им се неопходни за да можат да го преживеат летото.
Недостаток на кадри има на сите нивоа – доктори, сестри, болничари, хигиеничари, лаборанти.
„Ќе ни требаат 15 луѓе од сите профили. Не се примаат доктори. Добар дел од тие кои дојдоа и беа надежни, ја напуштија клиниката. Сведени сме на 15 доктори, процентот на старост е над 50 години. Ни требаат млади, свежи кадри кои можеме да ги обучиме. Некој треба да продолжи да работи и да ја држи институцијата на ниво“, рече Чибишев.
„Уште денес ќе поднесеме барање тоа да се процесуира и да добиеме согласност. Ќе распишеме конкурс, каубојски вработувања веќе нема да има. Ќе се вработуваат сите според законите на оваа држава. Ние ќе процениме кои се најпогодни да функцираат во оваа институција. И биологот исто беше надвор од законот со никаков договор, ја повикавме колешката и направивме договор затоа што според законот за здравствена заштита имам право, без согласност од финансии да правам договори за 1 отсто од вкупниот број вработени. И во тој 1 отсто проценивме дека приоритет е да се прими биологот и од денес функционира на клиниката во рамките на законот“, рече директорот.
Тој рече дека не сака да се занимава со минатото и да му помине мандатот на тој начин. Најави дека во наредниот месец треба ќе има поголема контрола од Финансиска полиција, а размислува да ја повика и државната ревизија.
„Не сакам да останат дамки кои ќе ги влечеме. Ќе ги информираме институциите, ако има нешто ќе си постапуваат“, рече Чибишев.
Новото расководство, како што додаде, нема да се занимава на реваншизам и прогон на неистомисленици, туку приориотет ќе биде подобрувањето на условите за работа на пациентите и на персоналот, како и набавката на нова и софистицирана медицинска опрема.
