“Немаш карти” премисата и Северна Македонија
Никица Корубин
Пред речиси една година, американскиот претседател Доналд Трамп, на контроверзниот состанок во Белата Куќа, ќе ја изрече кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, “легендарната” забелешка, која “одзвонува во ушите” на многумина до ден денес – “немаш карти” – алудирајќи на неможноста Украина, воено и финансиски да се одбрани од руската агресија, без помошта на САД. Но, всушност ја одразува во брутален манир дилемата – на што се темели позицијата на секоја држава – на сопствената сила или на меѓународниот правен поредок?
Ова прашање е особено важно, за држава како нашата, која би влегла во дефиницијата на “мали” (од “малите и средни држави” од говорот на канадскиот премиер) што значи дека, и во двата замислени спектра – “конзервативниот” од периметарот на Трамп и “либералниот” од периметарот на Карни – нашиот опстанок зависи од другите. А, ако не е ниту едниот, ниту другиот екстрем, туку е теоретскиот “меѓународен правен поредок” тогаш повторно зависиме од него. Едноставно не постои ситуација во која “правиме што сакаме” и “диктираме услови”, без реални и драматични последици, по нас самите.
Доколку за нас, е прифатлив првиот, “конзервативниот” спектар – тогаш кој е одговорот на прашањето на Трамп, хипотетички поставено до нас – “кои се вашите карти”? Ако, пак за нас е прифатлив вториот “либерален” спектар – каде се прават “сојузи на малите и средните”, тогаш што чекаме со уставните измени и влезот во постоечкиот сојуз на ЕУ, чиј кандидат сме патем речено, а и чија поддршка на граѓаните е недвосмислена, долго речиси колку и нашата независност.
Дури и доколку сме во златната средина и играме според правилата на “меѓународниот правен поредок” – тогаш ги почитуваме меѓународните договори и превземени обврски – Преспанскиот договор, Охридскиот договор и Договорот со Бугарија. Обединети и во преговарачката рамка на ЕУ и во најновиот Закон за национална сигурност на САД. Парадоксално или совршено логично, ЕУ и САД, во однос нас (но и на Западен Балкан) имаат речиси идентичен став.
Со или без карти, кои секако ги немаме, тие својата позиција (која е политички, економски, воено, културолошки и општествено супериорна) ја темелат на истите договори кои кај нас систематски се компромитираат. А, кои всушност го гарантираат нашиот опстанок. И чие почитување, е предуслов за било која “замислива” опција за нашата иднина. Па, која е тогаш замислата?
Дали реторичкото мешање во внатрешните работи на соседите (забрането според нашиот устав), можеме хипотетички да го спроведеме во дело? Дали игнорирањето и одбивањето на спроведување на превзмените обврски кон ЕУ, спротивно на вољата на граѓаните, имаме моќ да ги супституираме самостојно, преку манипулативната догма (од која сега бегаат и самите прогресивни креатори) “да се реформираме дома”? Па, зошто тогаш бараме “асистенција на моќни држави”? Па, “сираче” сме или држава? Ако не сме “сираче”, тогаш “имаме карти”, а ако “немаме карти”, тогаш имаме договори со најблиските сојузници. А, договорите со или без меѓународен правен поредок, се почитуваат. Како елементарно политичко и човечко поведение.
Всушност, за нас сите сценарија имаат ист исход. Уставни измени и почитување и исполнување на превзмените обврски и договори. Членството на Северна Македонија во ЕУ е всушност стратешкиот интерес на САД, во чиј “периметар” не се наоѓа ниту еден “изговор или купување на време” на штета на секој еден од нас. И за ова одговор должат сите избрани и именувани функционери, самостојно според улогата во правниот поредок или “сокриени” позади параванот на партиите.
Со сите потрошени изговори за “шесте месеци”, “грижата за идентитетот”, “реформирањето на ЕУ”, “нашинците”, “гордоста”, “Курти синдромот”, “српскиот свет” “интересите и лукративноста” – на кое “сценарио” се потпираме и кого чекаме за “абер и мислење”? Мислењето е одамна дадено – преговарачката рамка и трите договори – а аберот треба да дојде од нас. Во единственото сценарио, во кое опстануваме како функционална и цивилизирана држава.
Уставни измени и итно отпочнување на преговорите со ЕУ. “Веднаш и без дополнителна политичка одлука”, звучи прилично привилегирано и поволно, и за “мала држава” каква што сме и за “голема држава” каква што глумиме на наша штета. И “без никакви карти”.
