Нешков: Има радикализација на политичката елита во Северна Македонија против Бугарија
„Во изминатите 2-3 години дојде до радикализација на политичката елита во Северна Македонија во однос на Бугарија и на се што е поврзано со бугарско-македонските односи“, изјави новинарот и сопственик на агенцијата БГНЕС, Љубчо Нешков, за Радио Бугарија.
„Тоа што се случи со имињата на бугарските здруженија е само врвот на сантата мраз во однос на тоа каква е реалноста во оваа земја“, вели Нешков.
„Не имињата на здруженијата, како што тие тврдат, поврзани со контроверзни политички и историски личности, туку пречка е воопшто самото постоење на овие клубови. На ист начин властите во Скопје постапија пред 20 години со друго здружение, првото бугарско здружение. Станува збор за нешто сосема друго, нешто на кое сме сведоци повеќе од 80 години, а тоа е, како една земја го гради својот нов идентитет, благодарение на државна идеологија и институционализирана омраза кон соседната земја. Всушност, овде се корените на тоа, што сега го гледаме во односите меѓу двете земји. Значи, не здруженијата, туку државната и институционализираната омраза кон соседна Бугарија е причината за ова што се случува“.
Зошто државата Северна Македонија си дозволи да ја „зграпчи“ активноста на комисијата за решавање на историските спорови меѓу двете земји, формирана според Договорот за пријателство и добрососедство потпишан во 2017 година? До неодамна политичарите тврдеа дека темата е приоритетна за историчарите, а одеднаш парламентот на РСМ одлучи да донесе закон со кој се даваат историски квалификации на личности од минатото. Каде ќе не доведе ова прекршување на договорот?
„Дали некогаш сте слушнале македонски политичар да не коментира за една или друга политичка личност или настан од минатото? – реторички прашува Љубчо Нешков – Не. Тие само сакаат работите да се толкуваат како што тие ја толкуваат „вистината“ за она што се случило, според нивните стандарди и догми наметнати таму од 1945 година. Дали има прекршување на договорот? Видете, токму поради неисполнувањето на договорот Бугарија стави вето или го одложи почетокот на преговорите на властите во Скопје за членство во ЕУ. И конечно, за да се поврзе се со она што се случи во последните 4-5 месеци, Договорот беше внесен во преговарачка рамка. Што вели таканаречениот француски предлог, прифатен од двете страни? Ами вели да се почитува договорот од 2017 година и особено чл. 12, кој се однесува на записникот, на историската комисија и на сето она што е утврдено во овој документ. Односно, властите во Скопје немаат начин да избегаат од спроведувањето на овој договор. Но, имаме спротивставени партнери, кои се поддржувачи на една тоталитарна идеологија, која ние не ја познаваме, бидејќи во последните 30 години истата исчезна од бугарскиот политички живот. Тоа систем каде што нема опозиција“.
Нешков смета дека анти-бугарската позиција на Скопје е и антиевропска, а зад неа стојат геополитичките ставови на Русија и Србија кон ЕУ.
Во очекување на отворањето на Македонскиот културен клуб, кој го носи името на бугарскиот поет Никола Јонков Вапцаров, во Благоевград на 30 октомври, Љубчо Нешков ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации:
„Се надевам, верувам и навистина сакам да нема инциденти, од една главна причина – може да се отвори овој клуб, дури вратата да му биде отворена и така ќе остане. Другото ќе биде повод да се создаде тензија. Бугарската држава не е загрозена,очигледно е со каква цел се прави тоа. Нека дојдат нека го откријат па да видат кој ќе им оди. На крајот од денот познато е кој го финансира тоа, зошто го финансира итн. Се надевам дека нема да има инциденти. Апелирам, вклучително и луѓето кои се упатени, кои со право се револтирани и знаат со каква цел се прави ова, да се однесуваат ладнокрвно и да го подминат претстојното отворање на овој клуб. Тоа се прави само со една цел – да се искористи против нас, а потоа да се оправдаат за нивните постапки на нивна територија“, подвлече Нешков во интервјуто за Радио Бугарија.
Целото интервју на Љубчо Нешков за радио Бугарија слушнете го овде.

