НЕСТОРОВСКИ: СÈ ПРАВЕВ ЗА ДА ПОГОДАМ И КОНЕЧНО ДАДОВ ГОЛ!

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски вчера конечно го скрши мразот во Удинезе, па на гостувањето во Џенова кај Сампдорија постигна гол, но тој не беше доволен за да се избегне поразот од 1-2 во италијанското Калчо.

Несторовски летово дојде во Удинезе по банкротот на Палермо и после пет месеци се запиша во листата на стрелци. Погоди во 30-та минута, а играше неполн час, во мечот на кој исклучувањето на Мато Јајало и пеналот на 14-минути пред крајот за Сампдорија го решија победникот. Несторовски го „пецна“ ВАР во прославата на својот прв гол во црно-белиот дрес, откако видео-технологијата неколкупати му поништи голови за прекршок во напад, офсајди…

„Конечно погодив! Сега сум порелаксиран, зашто правев сè за да се запишам во листата на стрелци, но прво пречката ме спречи, па голманот, па судиите… Среќен сум што дадов гол, ама не сум среќен што загубивме“, вели Несторовски.

Напаѓачот посочи дека голот на Габијадини од слободен удар во шестата минута од судиското надополнување бил воведот, а исклучувањето на Јајало пресудно за поразот.

„До тој гол на Габијадини на теренот постоеше само еден тим – Удинезе. Се обидовме да играме фудбал, дадовме гол и потоа во 50-та минута тој погодок ги внесе во еуфорија, а исклучувањето на Јајало го направи останатото. Сега ќе се подготвиме подобро. Нè чека Лацио, одиме по добар резултат во Рим. Имаме 14 бода, тоа засега не прави смирени“, посочи Несторовски.

Извор: Спорт1



Слични Објави