Никола Цолов ќе тестира болид од Формула 1 наесен
Бугарскиот пилот во Формула 2, Никола Цолов, наесен ќе учествува во тест на болид од Формула 1 на тимот Рејсинг Булс во рамките на програмата TPC, јавува БГНЕС.
Информацијата ја потврди главниот извршен директор на Рејсинг Булс, Петер Бајер. „Никола треба да учествува во TPC тест за да ги собере километрите потребни за настап на слободен тренинг во Формула 1. Му требаат уште километри и планираме тоа да се случи наесен“, изјави Бајер.
Тој неодамна ги демантираше шпекулациите дека Цолов ќе го замени Лиам Лосон во Рејсинг Булс од следната сезона, нагласувајќи дека составот на тимот сè уште не е дискутиран.
Цолов сезонава е во борба за титулата во Формула 2. Има четири победи, од кои три во главни трки, и заостанува само две бодa зад лидерот Габриеле Мини од Италија. Следниот настап го очекува овој викенд на патеката Силверстоун во Велика Британија.
