НИКОЛА ДИМИТРОВ СЕ СРЕТНА СО ШЕФОТ НА ОБСЕ ПЕТЕРСЕН ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ
Денеска, министерот за надворешни работи на Република Македонија – Никола Димитров имаше средба со амбасадорот Јан Петерсен (Норвешка), шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за Референдумот на 30-ти септември 2018. Димитров изрази задоволство од прифаќањето на неговата покана – ОДИХР да испрати набљудувачка мисија за Референдумот во Република Македонија. Го истакна историското значење на актуелните процеси, како и на можноста граѓаните преку овој демократски чин да ја искажат својата волја по прашањето, кое е од огромна важност за иднината на земјата и нејзините стратешки определби за интеграција во НАТО и ЕУ, но исто така и врз политичкото стабилизирање на Регионот. Министерот Димитров ја реафирмира подготвеноста на Република Македонија за продолжување на соработката со ОДИХР, а посебно за подобрување на изборните процеси кај нас, кои комплементарно придонесуваат за достигнување на бараните европски стандарди, важни за забрзување на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.Амбасадорот Петерсен се заблагодари од можноста за средба и ги пренесе основните информации за оваа мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Информираше и за планираните активности на Набљудувачката мисија во период до Референдумот и на самиот ден на изјаснување, која инаку согласно препораката на Мисијата за проценка на потребите на ОДИХР би требало да брои околу 270 набљудувачи.